Стотина лица, кои како последица на косовската криза во 1999 година се останати во земјава и се под меѓународна заштита, 20 години водат битка за целосна интеграција
Со привремените документи, овие лица добиваат социјално и здравствено осигурување, но проблемот е што не можат да остварат стабилно вработување, не можат да подигнат кредит од банка, а со тоа не можат на долг рок да го планираат живеењето
Б.Н. цели две децении талка по македонските институции за да обезбеди пристоен живот, каков што гарантираат домашни и меѓународни закони.
Приказната на четириесетгодишниот Б.Н. од Косово е како филмско сценарио, за кое и по 20 години нема среќен крај. Тој избегал од Косово поради воениот конфликт во 1999 година. Дошол во Македонија бидејќи животот таму му бил загрозен. Враќањето во Косово е ризично по неговиот живот, па тука му е одобрен статус на лице под супсидијарна заштита. Тоа, според законите, значи дека тој треба да ги ужива истите права како македонските државјани, но во пракса не е така.
Иако тука основал семејство и има четири дечиња, сепак, државата не успева целосно да ги интегрира. Тој има привремена лична карта, која треба да ја обновува секоја година, но постои и ризик дека државата во еден момент може да одговори негативно на неговото барање.
Тој и неговото семејство со години се преселувале од еден во друг бегалски камп низ земјава, а во моментов живеат во зграда во Визбегово. Ниските примања, односно социјалната помош, не стигнуваат ниту за прехрана ниту за да се платат комуналии, па се соочуваат и со проблеми како исклучување струја и наталожени неплатени сметки.
„Се обидував и нешто приватно да подработувам, но сега со корона-кризата и тоа ни се скрати. Не ме примаат никаде да работам. Повторно поднесов барање за социјална помош уште пред седум месеци, но немам никаков одговор“,
вели Б.Н.
Тој буквално лута од институција до институција и секогаш му е потребен „уште еден документ“ за да може да добие македонско државјанство. И тоа трае со години.
„И сопругата ми е од Косово. Едвај преживуваме. Децата ни се родени тука, но ги немаат основните услови за живот“,
раскажува нашиот соговорник.
Во нашата земја затекнати со ваква судбина се уште стотина лица. Иако нивниот број е релативно низок, државата не успева целосно да ги интегрира.
Б.Н. вели дека во зградата, која е изградена со меѓународна помош, живеат уште пет семејства кои се бегалци од воениот конфликт во Косово.
„Немаме струја, се наталожија долгови. Во целата зграда има еден приклучок, и по потреба се договараме кој ќе ја користи струјата. Сега тоа го правиме само за нашите деца да можат да продолжат со училиштето. Откако почна корона-кризата, децата се дома и треба да следат настава на интернет. Тоа едвај го остваруваме. Ни дадоа стари компјутери кои може да ги користат, па се организираме за некако да го продолжат школувањето“,
раскажува нашиот соговорник.

Пред неколку години Б.Н. успеал да се вработи, па така можел барем да го прехрани семејството. Сега, откако почна епидемијата, останал без работа, па повторно аплицирал за социјална помош, која според законите има право да ја добива, но одговор сè уште нема.
„Откако се вработив, веднаш ја ставив социјалната помош во мирување. Сакав да бидам фер и се откажавме од неа. Но сега, бидејќи немам работа уште од март, повторно аплицирав за социјална помош. Досега немаме добиено решение. Никаков одговор. А треба да се јаде секој ден“,
вели Б.Н.
Тој и неговите соседи, со кои дели слична судбина, повеќе од две децении се обидуваат да се интегрираат во општеството, но нивната битка се врти во круг низ лавиринтите на институциите.
Од УНХЦР велат дека, имајќи ја предвид моменталната состојба со пандемијата, ќе апелираат до властите да бидат флексибилни кон оваа ранлива категорија луѓе за да им се обезбеди можност да бидат вклучени во државната помош. Притоа, ќе настојуваат никој од нив да не биде заборавен.
Дел со продолжен престој во земјава, дел одбиени
Од косовската криза во 1999 година во земјава, според податоците на Секторот за азил при Министерството за внатрешни работи, 13 лица добиле статус на бегалци, а 163 уживаат статус „супсидијарна заштита“. Но, од тие 163, 41 лице имаат продолжен престој заради супсидијарна заштита, додека за 122 лица е донесено решение за престанок на супсидијарна заштита. Од тие 122 лица, пред управните судови се води постапка по тужба или жалба за 91 лице.
„Имајќи го предвид член 43 став 2 од Законот за меѓународна и привремена заштита, тужбата го одлага извршувањето на решението. Така, до правосилноста на решението, и овие лица ќе имаат право на престој во Република Северна Македонија“,
прецизираат од Секторот за азил при МВР.
Лице под супсидијарна заштита е странец, кој не се квалификува како лице со статус на бегалец, а на кој РС Македонија ќе му признае право на азил и ќе дозволи да остане во рамките на нејзината територија бидејќи постојат причини поради кои, ако се врати во државата чиј државјанин е, ќе се соочи со сериозни повреди, како смртна казна, егзекуција, тортура, сериозни и индивидуални закани по животот или личноста на цивилното лице.

Од МВР велат дека лицата што добиле статус дека се под супсидијарна заштита, од денот на тоа решение, се изедначуваат со македонските државјани.
„Се изедначуваат со државјаните на РС Македонија по однос на остварување на правата од социјална заштита и здравствена заштита, а во делот на други сегменти имаат исти права и должности со странците со дозволен привремен престој“,
велат од Секторот за азил при МВР.
Какво решение се нуди за целосна интеграција
Владимир Ристевски од Македонското здружение на млади правници вели дека трајно решение за статусот на косовските бегалци од 1999 година, кои се наоѓаат на територијата на Северна Македонија и се со признаено право на азил заради супсидијарна заштита, е да им се обезбеди македонско државјанство.
„Статусот што тие моментално го имаат како лица со признаено право на азил заради супсидијарна заштита се преиспитува секоја година. Како резултат на тоа, кај нив постои една правно-социјална несигурност која трае веќе 20 години“,
вели Ристевски.
Тој појаснува дека за овие луѓе да добијат македонско државјанство се појавува пречка во членот 7 од Законот за државјанство, односно кај некои од условите што ги предвидува овој член. Ристевски вели дека, иако е постигнат главниот услов за државјанство – законски престој од 8 години за лице под супсидијарна заштита и 6 години за признаен бегалец во РСМ, како пречки во процесот на натурализација се наметнуваат некои од условите и документите што дополнително им се бараат на овие лица.

„Се работи за потребните документи од земјата на потекло, кои им се барани во постапката за државјанство на лицата под супсидијарна заштита како уверение дека не се води кривична постапка, уверение од криминално досие и доказ за отпуст од досегашното државјанство, при што се мисли на земјата на потекло – Косово. Дополнително, покрај овие документи, Секторот за државјанство при МВР бара и документи од матичната држава, кои не се законски предвидени, како што се извод од матична книга на родени и уверение за брачна состојба, ако лицето е во брак“,
вели Ристевски.
УНХЦР, дејствувајќи во земјава, низ текот на годините ја олесни репатријацијата на илјада бегалци кои се подготвени доброволно да се вратат во својата земја на потекло. Сепак, секогаш ќе има лица што не можат да се вратат и за кои владите бараат да обезбедат постојан облик на престој во земјата на азил. Северна Македонија го признава овој модел и за време на првиот Глобален форум за бегалци, кој се одржа во декември 2019 година – форум кој претставува вистинска пресвртница во градењето солидарност со светските бегалци и земјите и заедниците што ги организираат, и вети дека ќе ја реши оваа ситуација со обезбедување долгорочен правен статус.
„Луѓето под супсидијарна заштита немаат статус на долготраен престој. Тие треба да аплицираат и да го обновуваат својот статус годишно. Тоа само по себе е пречка за овие лица да се определат за сите бенефиции како државјани, на пример, да добијат вработување со полно работно време или да земат заем од банка за самовработување и слично“,
велат од УНХЦР.