„Извршен е разговор и со еден од членовите на бендот ДНК. Распишана е централна потерница за четири лица. Од МВР во координација со Јавното обвинителство во овој момент се постапува и во министерството за економија од каде се обезбедува документација поврзана со предметната дискотека, како и лица поврзани со истата. До 11:30 часот, според информациите со кои располагаме, починати се вкупно 59 лица“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференцијата одржава денеска точно напладне пред Полициската станица во Кочани
Во продолжение интегрално видео и транскрипт од прес-конференцијата на министерот Тошковски
Тошковски: Во моментов се ангажирани полициски службеници од оддел за специјални полициски операции, оддел за форензички испитувања, хеликоптерска единица, антитероризам, оддел за криминалистичко разузнавање и анализа, криминалистичка полиција и други. Се постапува во координација со Министерство за здравство и Центар за управување со кризи. Увидот го води тим од јавни обвинители, а одделот за форензички испитувања при МВР им асистира во постапувањето. Од страна на МВР обезбедени се болниците во кои се сместени повредените. Во зависност од повредите, ќе бидат извршени разговори со сите контактибилни лица. На сите повредени што е згрижени во болниците во Скопје им е укажана лекарска помош. Од страна на полициски службеници на СВР Скопје извршени се разговори со над десеттина лица, според последните информации што ги добив, кои се хоспитализирани во скопските болници. Извршен е разговор и со еден од членовите на бендот ДНК. Распишана е централна потерница за четири лица. Од МВР во координација со Јавното обвинителство во овој момент се постапува и во министерството за економија од каде се обезбедува документација поврзана со предметната дискотека, како и лица поврзани со истата. До 11:30 часот, според информациите со кои располагаме, починати се вкупно 59 лица. Од нив 35 се идентификувани. Од идентификуваните, 31 лице е од Кочани, четири од Штип. Бројот на повредени по последните, според последните информации што ги добив околу 12 од прилика, е 155 лица. Тие се наоѓаат низ повеќе болници низ државата. Уште еднаш сакам да изразам искрено сочувство до семејствата на починатите во оваа ужасна трагедија во која животот го загуби и еден полициски службеник од полициската станица во Пробиштип кој во моментот бил службено ангажиран, односно постапувал по претходно изготвен план за контрола на угостителски објекти во делот на недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во предметната дискотека. Искрено сочувство и до неговите најблиски. Бев информиран, исто така, од страна на началникот на СВР Штип дека предметното лице, полицаецот, требало да биде награден за најдобар полицаец на територија на Пробиштип и на територија на СВР Штип. За жал, таквото одликување ќе биде доделено постхумно.
Прашање: Тие четири лица за кои велите дека ќе има потерница, кои се? Менаџери на дискотеката или?
Тошковски: Не можам да ви кажам во оваа фаза.
Прашање: Досега колку лица се спроведени во полициска станица?
Тошковски: Не би можел да го кажам и тоа.
Прашање: Дали е голема бројката?
Тошковски: Не би можел да го кажам и тоа, за жал. Работиме интензивно, со сите сили со кои располагаме. Вклучено е Обвинителство. Вклучени ќе бидат повеќе инспекциски служби кои во текот на денот ќе извршат контроли. Вклучени се буквално сите оние што имаат каква било врска во процес на контрола и конкретни процесни дејствија кои можеме да ги преземеме, се анализира буквално се што може да биде поврзано со овој ужасен настан. Како во делот на градежно-техничка документација, за потребни предуслови за ставање на таков објект во функција, за соодветни лиценци кои би требало да ги поседува истиот, како во делот на конкретно постапување за време на настанот, во делот на обезбедување и постапување согласно правилници, подзаконски акти и така натаму. Во делот на сето она кое го преземаме во овој момент не само од аспект на истрага која ја водиме, туку и од она што го преземаме како дејствие за помош на повредените лица, премиерот е во контакт со скоро сите претседатели или премиери од соседството и со голем број на претседатели од Европа, разговараше и со Генералниот секретар на НАТО, Руте. Сите изразија огромно сочувство и жалење за настанот и понудија секаков тип на поддршка која би била потребна на Македонија. Правиме се што можеме да направиме, ве молам да ги примите оние информации кои ви ги давам во моментов како што ви ги давам поради тоа што не би сакал да загрозам било што кое го преземаме.
Прашање: Дискотеката имала лиценца, т.е сертификат за управување со пиротехнички средства бидејќи согласно со Закон за оружје, МВР ги издава тие сертификати?
Тошковски: Ќе бидат пренесени до јавноста сите информации што се како било поврзани со овој настан.

Прашање: А лиценцата за работа што е до 24 март 2024 година, прашањето е зошто не се постапувало досега?
Тошковски: Во овој момент навистина ве молам еве по трет пат, ве молам за разбирање да не загрозиме било какво дејствие од истрагата. Сите информации кои се поврзани со било каков начин и било кој детаљ од оваа истрага ќе бидат споделени со јавноста, ве уверувам.
Прашање: Колку се малолетни?
Тошковски: Има и малолетни лица.
Прашање: Кога очекувате да ги објавите имињата на идентификуваните, рековте 39? Дали се извлечени сите кои биле внатре, имаме информации дека сè уште има тела внатре, колкава е бројката на лицата кои биле присутни имате ли таква бројка?
Тошковски: Во овој момент не би можел да ја соопштам таа информација.
Прашање: Колку лица се во критична состојба и што е главната причина за смрт, дали се задушени или изгореле имате ли нешто првично?
Тошковски: Во овој момент не би можел ништо да кажам.
Прашање: Рековте, ви понудиле помош и поддршка од соседните држави, вие побаравте нешто?
Тошковски: Се постапува и во таа насока, по утврдување на фактичка состојба од аспект на тоа дали може да бидат транспортирани дел од повредените лица, истите би биле транспортирани во најмодерни установи во Европа кои би требало да одговорат соодветно на нивните повреди, моментално се утврдува фактичка состојба дали можат да бидат транспортирани.
Прашање: Дали ќе бидат објавени имињата на лицата за кои ќе има потерница?
Тошковски: Нормално дека да, кога ќе дојде време за тоа.
Прашање: Колку е бројот на малолетни кои присуствувале?
Тошковски: Не би можел да кажам сега во моментов.
Прашање: Дали досега е правена контрола за малолетници во дискотеката? Во 2022 година е затворен кафе-барот и дискотека на истиот сопственик поради присуство на малолетници и потоа му е дозволено да работи пак.
Тошковски: Во текот на вчерашниот ден по претходно изготвен план, вршени се контроли на поголем број на објекти на територија на Македонија. Вршени се контроли на територија на СВР Скопје, вршени се контроли на територија на СВР Охрид, вршени се контроли на територија на СВР Штип. Еден од локалите на коишто се вршени контроли е токму и оваа дискотека. Полицаецот, колегата којшто загина…загина при вршење на контрола за евентуално откривање на дрога и малолетници.
Прашање: Министре, ова можеби не е прашање за вас, но зошто не се појавува градоначалникот на Кочани? Се случи трагедија од невидени размери.
Тошковски: Значи, загина полицаецот.

Прашање: Каде е градоначалникот на Кочани?
Тошковски: Загинаа полицаецот и 60 деца загинаа.
Прашање: Каде е градоначалникот на Кочани да се појави овде бидејќи тој, меѓу другите, бил одговорен за таа дозвола што е дадена за дискотеката да работи?
Тошковски: Пак ве замолувам. Во однос на сите оние процесни дејствија што треба да се преземат од кривично-правен аспект, ве замолувам…
Прашање: Дали тој е предмет на истрага?
Тошковски: Ве замолувам, за сите процесни дејствија да оставите да ја сработиме работата како што треба. Најефикасно и најбрзо ќе биде сработена и веднаш ќе биде известена јавноста.
Прашање: Министре, ова е трагедија којашто не се случила во државава од осамостојувањето и сега јавноста бара некаков одговор. Некаква информација треба да добие јавноста.
Тошковски: Ве замолувам, ве замолувам по десетти пат.
Прашање: Јас ве замолувам за информација.
Тошковски: Дозволете да ја сработиме работата којашто треба да ја сработиме. За жал, во овој момент не можам да споделам повеќе информации од оние коишто ги давам. Верувајте ми, многу внимавам што зборувам.
Прашање: Сопственикот знаете каде е? Дали е приведен?
Тошковски: Во овој момент не можам да одговорам на вашето прашање, се извинувам.
Прашање: Има повици на социјалните мрежи, бараат исчезнати лица, не можат да ги најдат. Дали сте во контакт со најблиските на оние што биле во дискотеката?
Тошковски: Дадени се напаствија до сите болници каде што имаме моментално починати лица, по нивна идентификација да бидат известувани семејствата на истите. Штом имаме идентификација се известуваат семејствата на починатите. Штом ќе имаме нови информации коишто можеме да ги споделиме со јавноста, ќе ве известиме и повторно ќе ве информираме.
Прашање: Чувствувате ли лична одговорност?
Тошковски: Кажав веќе еднаш, да! Чувствувам морална одговорност. Мислам дека секој што бил два дена на функција во оваа држава треба да чувствува морална одговорност за ова што се случи. Го кажав веќе тоа еднаш.