Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска зборуваше за текот на предистрагата за трагедијата во Кочани во која загинаа 59 луѓе и за истрагата што ОЈО ГОКК ја отвори за седуммина полициски службеници од Кочани и Штип. Во видеото погледнете ја целата прес-конференција на Тошковски
„Седумтемина осомничени полициски службеници од Кочани и Штип, за кои е отворена истрага од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето со тоа што во 2023 година издале дозвола со која се овозможило кабарето да работи во супстандардни услови“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција.
Предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против седум полициски службеници, информираа претходно во денот од Јавното обвинителство (ЈО). Според дејствијата опишани во наредбата, постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело тешки дела против општата сигурност.
„Како службени лица вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани како соизвршители, осомничените изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа. Осомничените сите заедно предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето, овозможувајќи кабарето да работи во супстандардни услови при што на 16.3.2025 година во објектот настанал пожар во кој починале 59, а 196 се здобиле со тешки телесни повреди“, велат од Обвинителството додавајќи дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување на мерка притвор за сите седум лица.
„360 степени“ имаше увид во неколку согласности кои ги издава Министерството за внатрешни работи во однос на заштитата на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот, кога некој правен субјект ќе побара дозвола за кабаре, ноќен клуб или дискотека. Во нив јасно е наведено дека Согласноста важи една година, но и дека ако правниот субјект не постапува согласно Законот за угостителство, таа може да биде повлечена. Тоа значи дека во Полициската станица од општа надлежност (ПСОН) Кочани требало да знаат дека „Пулс“ нема важечка Согласност, а со тоа и дека нема важечка лиценца.