„360 степени“ ја пренесува интегрално прес-конференцијата на министерот за надворешни работи Панче Тошковски одржана во седиштето на МВР еден ден по трагедијата во Кочани во која загина 59 луѓе
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, по кординативниот состанок со сите надлежни институции поврзани со издавање дозволи и останати потребни документи, на прес-конференција одржана во седиштето на МВР, кажа дека во Македонија нема систем во чии рамки ќе бидат утврдени правилата на игра, алудирајќи на процедурите за издавање лиценци за дискотека, ноќен клуб или кабаре.
„Слободно можам да заклучам дека Македонија нема систем во рамки на којшто ќе бидат утврдени правила на игра, коишто би биле нормални, за да превенират еден ваков ужасен немил настан. Односно со изјава заверена на нотар од страна на правно лице, управител на правно лице итн. и подготовка на одредени документи, има системски слабости коишто не вршат правилна и потребна контрола за да се создадат потребни предуслови за функционирање на нормални објекти особено од овој тип, поради што не само во однос на конретниот случај туку и во однос на сите останати дискотеки, ноќни клубови, кабареа коишто функционират во Македонија“, рече министерот Тошковски на прес-конференцијата еден ден по трагедијата во Кочани која досега однесе 59 животи.
Тој повтори дека по заклучокот на Владата ќе има темелни инспекциски контроли коишто треба да ги извадат на површина сите неправилности.
„Во наредниот период ќе бидат спроведени, по заклучокот на Владата, темелни инспекциски контроли коишто ќе треба да ги извадат на површина дополнително сите неправилности, незаконитости, системски пропусти кои ги имаме како држава. Корупцијата и криминалот не доведуваат до фаза да ги губиме животите на нашите деца. Или одлучно и системски ќе смениме нешто во оваа држава или ќе ја немаме! Мораме да покажеме свесност и одлучност во спроведувањето на сите оние постапки коишто треба да се превземат сега и секој еден, повторувам – секој еден, без оглед на било што, којшто има директна или индиректна вина поврзана со овој кривично-правен настан, ќе одговора, секој еден поранешен или сегашен“, изјави министерот.