Денешната средба е и во функција за меѓусебна координација на институциите во пресрет на следниот лидерски самит на „Отворен Балкан“ што пролетва ќе се одржи кај нас
Во Владата денеска се одржа меѓуресорска координација на институциите вклучени во иницијативите и проектите што произлегуваат од иницијативата „Отворен Балкан“.
Националните координатори Марјан Забрчанец и Нола Исмајлоска и советникот на премиерот за надворешна политика Едмонд Адеми ги запознале државните секретари и одговорните службеници од ресорните министерства и директорите на релевантните државни агенции со сите актуелни и планирани домашни и меѓународни процеси кои произлегуваат од трилатералната соработка меѓу Северна Македонија, Албанија и Србија во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, а учесниците на средбата презентирале осврт на сработеното и на остварените резултати досега, соопштија од прес-службата на Владата.
„Евидентен е напредокот во спроведувањето на договорот во областа на царинските олеснувања за граѓаните и фирмите во земјоделството, ветеринарството и безбедноста на храната, а во месеците пред нас следува и унапредување и олеснување на меѓуграничниот проток за граѓаните, возилата и камионите, а очекувани се конкретни резултати кои водат кон даночни усогласувања и олеснувања меѓу трите држави, како и на намалување или отстранување на таксите и трошоците при меѓународниот проток на услуги, луѓе, добра или информации“,
се вели во соопштението.
На работната средба започнале и меѓуресорските соработки во областите туризам, култура и млади меѓу институциите од македонска страна, со цел Северна Македонија да даде сериозен придонес кон „Отворен Балкан“ во делот на воспоставување контакти, познанствата, размени и заеднички иницијативи меѓу граѓаните и особено меѓу младите од регионот, преку организација на настани, туристички понуди, спортски турнири, културни случувања, научно-истражувачки хабови итн.
Денешната средба е и во функција за меѓусебна координација на институциите во пресрет на следниот лидерски самит на „Отворен Балкан“ што пролетва ќе се одржи кај нас.