Родителите пред зградата на кочанскиот суд го изразија својот револт кон сите институции за кои рекоа дека се корумпирани нагласувајќи дека тоа што се случило со нивните деца не е грешка, туку системски криминал
Со родителите од Кочани денеска на маршот излезе и Драги Георгиев, татко на загинатиот тапанар од ДНК, Ѓорги, кој упати критики до премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова

Денеска по деветти пат во Кочани се одржа „Марш за ангелите“ каде што родителите на загинатите во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ побараа правда и неселективна одговорност за изгубените животи на нивните деца.
Тие од протестот им порачаа на институциите, како и на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека им ја потрошиле и последната трошка надеж и доверба.
Тие од пред зградата на кочанскиот суд се обратија до Обвинителството од каде што побара одговори, но и одговорност од оние што се виновни.
„Овие институции ни ја потрошија и последната трошка надеж и доверба дека оваа држава може да не заштити. Овие институции одново ги убија нашите деца. Одново ја убија надежта во нас дека оваа трагедија, ако ништо друго, ќе биде барем лекција за во иднина и никогаш вакво нешто нема да се повтори. Министерот Тошковски и обвинителот Коцевски ни должат одговор како е можно полицијата да прави акциска контрола во објект кој воопшто не смеел да работи, објект кој во моментот немал никаква валидна лиценца, никаква дозвола, а имал и блокирана сметка од УЈП. Ако објектот воопшто не смеел да работи таа кобна вечер, институциите ни должат одговор кој го направил овој пропуст и кој треба да одговара што таа вечер на 16 март оваа дискотека беше отворена“,
рече една од мајките на загинато дете.
Таа додаде дека досега ниту МВР ниту Обвинителството не им дале одговор кој ќе одговора за внесувањето на нелегалната пиротехника во објектот која е причина за пожарот.
„Како е можно и после повеќе од 80 дена од трагедијата Обвинителството и МВР да немаат одговор кој ја внел пиротехниката во дискотеката“,
рече таа.

Тие прашаа и каде е одговорноста на Државниот пазарен инспекторат кој врши инспекциски надзор за примената на законите.
Родителите пред зградата на кочанскиот суд го изразија својот револт кон сите институции за кои рекоа дека се корумпирани нагласувајќи дека тоа што се случило со нивните деца не е грешка, туку е системски криминал.
Дел од родителите за време на протестот се побунија затоа што, како што се гледа од телевизиските извештаи, забележале како некој ги снима од зградата на судот.
Тие порачаа дека нема да застанат се додека неселективно сите виновници не одговараат за пожарот во „Пулс“.
Со родителите од Кочани денеска на маршот излезе и Драги Георгиев, татко на загинатиот тапанар од ДНК, Ѓорги, кој упати критики до премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Георгиев за време на обраќањето ги искина писмата од Мицкоски и Сиљановска-Давкова, а што биле испратени до него велејќи дека тие за него не важат, зашто се бланко потпишани, испратени до сите, формално. Притоа тој извади банкнота од 2 000 денари, ја остави на улицата и ги повика властите да дојдат да ја земат за, како што рече, да имаат пари да запалат свеќа за загинатите деца во „Пулс“.
Во пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.