Инспектори во наредните десет дена ќе ги едуцираат угостителите за спроведувањето на протоколите и во овој период тие ќе имаат и информативна функција. Целта е на сите угостители да им се објаснат мерките што мора да ги почитуваат со цел спречување на ширењето на ковид-19 во овие објекти, соопшти денеска на прес-конференција претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска-Грашкоска.
„Формираме тимови на инспектори кои во наредниот период ќе вршат надзор врз спроведувањето на контролите во угостителските објекти и првенствено ќе имаат едукативна и информативна функција, односно ќе вршат запознавање на угостителите со протоколите во детали“,
изјави таа.
Во овие тимови ќе има инспектори од Државниот пазарен инспекторат, од Државниот инспекторат за труд, Агенцијата за храна и ветеринарство, а новина е што тимовите ќе бидат засилени со контролори од Управата за јавни приходи.
Филиповска-Грашкоска смета дека десет дена е доволен период за да се известат сите, но доколку се појави потреба и понатаму ќе продолжат со ваквите посети.
Таа истакна дека доколку се забележи оти и покрај укажувањето тие продолжуваат да не ги почитуваат протоколите, тогаш ќе има и казни.
„Не можеме да толерираме до бескрај, меѓутоа, фокусот е за почеток да им се објасни на сите угостители кои се мерките, и што е тоа што мора да го почитуваат“,
појасни Филиповска-Грашкоска.
За една недела извршени 2 375 инспекции
Од 19 до 26 мај, шесте инспекциски служби во земјава извршиле 2 375 инспекциски надзори, соопшти денеска Инспекцискиот совет.
Најмногу од нив – 1 289 извршил Пазарниот инспекторат, потоа Трудовиот со 436 контроли, Државниот санитарен и здравствен инспекторат 234, Агенцијата за храна 192 контроли, Инспекторатот за транспорт 180 и Агенцијата за лекови – 44 вонредни инспекциски надзори.
Филиповска-Грашкоска посебно ја истакна владината одлука од вчерашната седница за враќање на работа од 1 јуни, при при рече дека таа не важи за хронично болните и за родителите кои имаат деца на возраст до 10 години, или деца на претшколска возраст, како и на бремени жени. Ги повика работодавачите да продолжат да го почитуваат ова право на работниците, сѐ до донесување друга одлука.
