Меѓу 11-те осомничените лица, во новата постапка се и сопственикот на „Пулс“ и неговиот син, како одговорно лице, кои веќе се опфатени во првиот предмет за пожарот во т.н. кабаре, за кој вчера заедно со уште 33 физички и три правни лица седнаа на обвинителна клупа на првото рочиште од судскиот процес за кочанската трагедија
За двајца од новоосомничените, Основното јавно обвинителство Кочани бара да им биде одредена мерка притвор, а за дел од другите се бараат мерки на претпазливост
Јавното обвинителство на Република Северна Македонија доцна попладнево соопшти детали од акцијата и претресите што синоќа и денеска се спроведуваа на неколку локации во земјава, а се поврзани со работата на т.н. кабаре „Пулс“, во кое на 16 март годинава загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Оттаму информираат дека Основното јавно обвинителство повело постапка против вкупно 11 лица, кои се осомничени за коруптивни поврзани со работата „Пулс“, а меѓу осомничените се даночни контролори од Службата за даночни контроли при Регионалниот даночен инспекторат во дирекцијата во Штип, потоа даночни инспектори и управители од регионалните дирекции на Управата за јавни приходи во Штип и Струмица, како и инспекторка од Државниот пазарен инспекторат.
Меѓу осомничените се и сопственикот на „Пулс“ и неговиот син, како одговорно лице, кои веќе се опфатени во првиот предмет за пожарот во т.н. кабаре, за кој вчера заедно со уште 33 физички и три правни лица седнаа на обвинителна клупа на првото рочиште од судскиот процес за кочанската трагедија.
Во соопштението од Обвинителството не се наведени имињата на осомничените, но во случајот со сопственикот и одговорното лице извесно е дека станува збор за Дејан Јованов-Деко и неговиот син Михајло Јованов.
Сумирано, според соопштението на Обвинителството, осомничените контролори и инспектори се товарат дека на сопствениците на клубот, додека бил активен, им давале информации за контролите во објектот, иако според правилата тие треба да се ненајавени, а инспекторите од УЈП им овозможувале на нивните фирми да ги избегнуваат контролите и да работат без соодветна фискализација.
Покрај сопственикот на „Пулс“ и неговиот син, уште двајца осомничени во последната акција се веќе опфатени во првиот предмет за пожарот во клубот.
Што се однесува до деталите, од Обвинителството информираат дека за тројца од осомничените е донесена наредба за спроведување истрага. Двајца од нив се даночни контролори од Службата за даночна контрола при Регионалниот даночен инспекторат во Регионална дирекција Штип. Тие се осомничени дека ја искористиле својата службена положба и овластување и пристапот до податоци и информации за ненајавени контроли во правни субјекти – даночни обврзници и со цел да прибават противправна имотна корист и подароци му ги откривале информациите и го предупредувале за контролите одговорното лице во клубот.
Осомничени се кривичното дело примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик (КЗ), додека одговорното лице, односно синот на реалниот сопственик на “Пулс”, е осомничен за давање поткуп од член 358 од Кривичниот законик.
За двајцата контроли од дирекцијата во Штип, кочанското обвинителство до надлежниот суд доставило предлог за определување мерка притвор, додека за синот на сопственикот на „Пулс“ во сила се мерки на претпазливост, изречени во првиот предмет поврзан со пожарот во “Пулс”, за кои, како што додаваат од Обвинителството, се бара нивно проширување, односно забрана за воспоставување и одржување контакти и со новоосомничените лица.
„Шестмина осомничени, даночни инспектори и управници од регионалните дирекции на УЈП во Штип и Струмица, им овозможувале на правните субјекти “ММММ кафе” и “Пулс” да ги избегнуваат даночните контроли и да работат без соодветна фискализација, со што се осомничени дека сториле злоупотреба на службената положба и овластување согласно член 353 од Кривичниот законик. За нив се предложени мерки на претпазливост“,
се вели во соопштението од Обвинителството.

Сопственикот на „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, кој е веќе во притвор, е осомничен за кривичното дело фаллификување исправа според член 378 од Кривичниот закон. Ова дело му става на товар бидејќи, како што информираат од Обвинителството, подолг временски период свесно и со умисла за време на контроли од Управата за јавни приходи приложувал преправени фискални апарати со фискални извештаи со невистинити податоци.
Лажните фискални извештаи, тој според истрагата ги употребувал како вистински со цел да избегне парични казни и затворање на објектот.
Осомничената инспекторка од Државниот пазарен инспекторат, која исто така е опфатена со претходната постапка за пожарот во „Пулс“ и во рамките на која ѝ се определени мерки на претпазливост, врз основа на обезбедени дополнителни докази се товари за кривичното дело оддавање службена тајна од член 360 од КЗ. Делото ѝ се става на товар затоа што откривала информации за ненајавени контроли.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска во изјава за медиумите потврди дека се приведени десетина вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) и дека се вршат претреси на повеќе локации.
Коцевски рече дека доколку произлезе нешто ново за некое кривично дело, предметот евентуално може да се пренесе во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, меѓутоа, како што додаде, првичните сознанија од кривичната пријава сугерираат дека надлежно е ОЈО Кочани.

Одговарајќи на новинарски прашања, државниот јавен обвинител кажа дека овој предмет не може да се спои со првиот предмет за „Пулс“ бидејќи станува збор за други кривични дела.
„Ова се кривични дека за злоупотреба, давање и примање поткуп, што нема врска со овој кривично-правен настан, односно со предметот за Кочани кој во моментов е во тек“,
рече Коцевски.
За потсетување, Истражувачката репортерска лабораторија во септември објави документарен филм со наслов „Нашиот морален компромис“, во чии 22 минути и 30 секунди се објавени нови снимки и сведоштва на родители на загинати млади и лица кои биле во објектот кобната вечер.
Во сторијата ИРЛ објави и текстуални разговори преку апликации за комуникација меѓу сопствениците на т.н. кабаре и инспектори од Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Според ИРЛ, комуникацијата што ја добиле од свиркач покажува дека дел од инспекторите ги информираат сопствениците на објектот кога ќе има контроли во него, а може да се види и комуникација која имплицира дека се разговара за часовник како подарок за еден од државните службеници. Текстуалните пораки што ги објави ИРЛ, исто така, наведуваат дека инспекторите од МВР со кои комуницирале сопствениците на „Пулс“ барале привилегии, меѓу кои и да имаат резервирани маси во т.н. кабаре.
