Проблемот со водоснабдувањето во одредени делови на градот за министерот е кулминација од сите наталожени проблеми кои градот ги има во изминатите три и пол години
Централната власт нема ингеренции за да интервенира во решавањето на проблемот со водоснабдувањето во градот Скопје и тоа согласно Законот за локална самоуправа, но и според Законот за води кои јасно утврдиле дека одговорноста е во рамки на локалната самоуправа или во случајот на Град Скопје – рече министерот за локална самоуправа, Златко Перински во однос на проблемот со водоснабдувањето во одредени населби во Скопје.
Перински вели оти ова е кулминација од сите наталожени проблеми во Градот Скопје во изминатите три и пол години кои не се само на ниво на градот, туку и во рамки на Јавните претпријатија кои се под нивна капа.
„Знаете како, од она што јас го имам како информација, тоа е дека станува збор за технички проблем и мислам дека тоа многу соодветно да ви го потврди и самиот менаџмент на Јавното комунално претпријатие „Водовод и канализација“,
рече тој.
Дополнително, Перински вели оти треба да се истражи во кој дел од главниот град се направени најголемите инвестиции изминатите години, од кои произлегуваат и техничките проблеми.
„Но, она што е уште по интересно, еве упатувам и еден апел до вас до новинарите, да видите каде се најголемите инвестиции, којшто градот Скопје и Јавните комунални претпријатија ги имаат направено во изминатите би рекол три години и многу брзо и јасно ќе ви стане одговорот, зошто во моментов ги имаме овие технички проблеми“,
рече Перински.
ЈП Водовод неколкупати апелираше на разумно користење на водата и алармира дека во Скопје продолжува негативниот тренд на енормно зголемена и неконтролирана потрошувачка на вода на дневно ниво, што пак директно предизвикува нарушување на стабилноста на системот.