Според објавата на порталот, инцидентот се случил во 23:45 часот додека се емитувал поткастот „Тешки муабети“

Редакцијата на интернет порталот „Инфомакс“ објави дека синоќа имало упад во нивното студио додека се емитувал поткастот „Тешки муабети“.
Според објавата на порталот, инцидентот се случил во 23:45 часот.
„Лицето најпрво почна да навредува, да се заканува по живот за потоа да ја скрши вратата од дворот која е со шифра, а потоа да ја скрши и влезната врата од студиотo каде се обиде физички да се пресмета со присутните“,
се вели во објавата од „Инфомакс“.
На нивниот портал може да се види и видеото во кое додека се емитува поткастот се слуша тропање, а по барање на водителот емитувањето е прекинато. По кратко време тој повторно се враќа во емисија каде дава објаснување за упадот и вели дека лицето го задржале во студиото додека да дојде полиција.
Неколку минути подоцна, водителот Александар Митовски ја одјавува емисијата поради, како што кажа, пристигање на полициски екипи на местото на настанот.
„Тука ќе ја одјавиме емисијата, ако во меѓувреме завршиме со полицијата, ќе се вратиме назад“,
рече тој.
Повторно вклучување во живо на Митовски следеше по неколку часа, во кое тој информираше дека инцидентот е документиран, како и дека полицајците пристигнале за многу кратко време и веднаш преземале мерки за обезбедување на објектот и стабилизирање на ситуацијата.
Според него, полициската интервенција била професионална и навремена, додавајќи дека случајот ќе продолжи да се обработува институционално.
Од „Инфомакс“ очекуваат сите надлежни институции да ја водат постапката до крај.
„Очекуваме и сите колеги новинари и медиумски здруженија да се солидаризираат затоа што медиумите се основа на едно демократско општество“,
додадоа од редакцијата на „Инфомакс“.
