Во интервју за индиските медиуми на крајот на август, главниот научник на Светската здравствена организација (СЗО), Сомија Сваминанат, рече дека Индија е во ендемична фаза или дека се приближува кон неа, односно дека вирусот останува трајно присутен во таа област, но не го нарушува текот на животот
Бројот на лица заразени со коронавирус во Индија постојано се намалува и многумина веруваат дека оваа земја ја добива битката со коронавирусот. Сепак, експертите посочуваат дека сѐ уште постои страв од нови потенцијални варијанти.
Во интервју за индиските медиуми на крајот на август, главниот научник на Светската здравствена организација (СЗО), Сомија Сваминанат, рече дека Индија е во ендемична фаза или дека се приближува кон неа, пишува Дојче веле.
Вирусот се смета за ендемичен кога е ограничен на одредена популација во географска област, што се уште предизвикува епидемии, но може да се управува, поточно дека вирусот останува трајно присутен во таа област, но не го нарушува текот на животот.
Оваа теза е потврдена со фактот дека бројот на луѓе на кои им треба хоспитализација е намален, а тешките случаи станаа реткост.
Сомија за ДВ вели и дека, како што Индија ќе влезе во ендемична фаза, ќе има „подеми и падови“ на регионално ниво и дека не е исклучено зголемување на бројот на заразени во области со ниска стапка на вакцинација.
Скоро секој има антитела
Шефот на СЗО, Рајеш Бушхан, вели дека масовното тестирање утврдило дека 65% од населението создало антитела против коронавирусот. Истражувањето е спроведено на национално ниво во јуни и јули на 29 000 учесници.
„Ова, во комбинација со забрзана вакцинација, треба да обезбеди одредена заштита од сериозен трет бран. Сепак, непознатите варијабли тука се појавата на нова варијанта и ефикасноста на моментално достапните вакцини. Континуираното следење е важен дел“,
рече Сомија.
Во истражувањето се опфатени 8 691 дете на возраст од шест до 17 години. Половина од нив имале антитела, што значи дека биле изложени на вирусот во одреден момент од почетокот на пандемијата.
„Антителата најчесто доаѓаат од претходна инфекција, но сега, поради вакцинацијата, шансите за силен трет бран се мошне мали“,
вели за ДВ Гетам Менон, професор по биологија на Универзитетот „Ашока“ во Индија.
Истражувањето дава податоци за процентот на популација изложена на коронавирус, вклучително и асимптоматски лица, бидејќи присуството на антитела обично започнува да се појавува околу две недели по почетокот на инфекцијата.
„Затоа не разбирам зошто владините предвидувања беа толку страшни, особено оние што зборуваа за тоа како се очекуваат 600 000 случаи на заразени луѓе дневно во септември или подоцна“,
додава професорот.
Друг експерт за контрола на болести во Индија, исто така, вели дека пандемијата е на работ да стане ендемична и нагласува дека не верува дека ќе се појави нов бран.
„Оваа пандемија им пркоси на повеќето наши предвидувања, но во следните шест месеци ќе се приближиме кон ендемски статус“,
вели Суит Синг, директор на Националниот центар за контрола на болести.
Но опасноста не е помината
Откако делта-сојот ја опустоши Индија во текот на април и мај, здравствените експерти сега се фокусираат на планирање на микрониво, за да се осигурат дека Индија на крајот нема да биде погодена од нов бран.
„Потребни ни се системи што можат да ги следат раните предупредувања и, што е уште поважно, брзо да реагираат на секое зголемување“,
вели за „СЕЕ тајмс“ Викас Бајпаи, експерт за јавно здравје.
Иако здравствената инфраструктура е подобрена, особено во поголемите градови, и третманот на пациентите напредува, тековниот мониторинг може да биде клучен за спречување на ново „цунами“.
Баларам Баргава, шеф на индискиот Совет за медицински истражувања, предупредува дека претстојните фестивали Дашер во октомври и фестивалите Дивали во ноември можат да создадат поволна средина за ширење на вирусот и повика на превентивни мерки.
Забрзувањето на вакцинацијата во последниот месец, со дадени 800 милиони дози, се смета дека придонело за подобрување на ситуацијата во земјата која беше буквално на раб на ковид-катастрофа.
Според Министерството за здравство, околу 64% од квалификуваното население ја примило првата доза, а над 200 милиони луѓе ги примиле и двете.