Најголемите политички партии во земјава работат на унапредување на својата активна и финансиска транспарентност откако Индексот на транспарентност (истражување спроведено од ФООМ, со поддршка на ИРИ) покажа релативно ниско ниво кај мноштво од 28 рангирани политички субјекти. Ова го најавија портпаролките на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Богданка Кузеска и Марија Митева, и претставникот на Алијанса за Албанците, Омер Ајдини, во дебата на оваа тема во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

„ВМРО-ДПМНЕ ги прифати сите предлози од Меѓународниот републикански институт од САД – ИРИ што дојдоа до нас и работи на унапредување на веб-страницата, каде податоците ќе бидат во отворен формат. Информациите што ги имам се дека ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците се единствените партии што го прифатиле предлогот на ИРИ да имаат комплетно транспарентни податоци што ќе бидат лесно пребарливи и затоа сум исклучително горда и среќна“,
рече Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ е деветтопласирана со 28 од можни 120 поени, а СДСМ е на второто место со 55 поени. Првопласирана на Индексот е Левица со 72 поени.
Во дебатата, Митева рече дека ВМРО-ДПМНЕ „нема што да крие“ и апелираше до граѓаните и новинарите на кои им се потребни какви било информации од јавен карактер, веднаш да ги побараат од надлежните лица во партијата.
„Моите информации велат дека овој индекс на транспарентност ќе се прави двапати годишно и ќе биде во континуитет. Ќе работиме да имаме тим што ќе се грижи за објавување на сите податоци кои треба да ги објавиме, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која нема што да крие. Од друга страна, лично ги охрабрувам и граѓаните и новинарите и сите заинтересирани слободно да се обратат до ВМРО-ДПМНЕ и до лицето надлежно за слободен пристап од јавен карактер, во овој случај тоа сум јас и уште еден колега од партијата и доследно ќе ги добијат информациите“,
изјави Митева.
Според неа, скорот на ВМРО-ДПМНЕ моментално е низок поради технички проблеми со кои се соочувале.

Од друга страна, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузевска, изјави дека оваа партија веќе направ ила одреди подобрува, со тоа што прво ги поделиле информациите на веб-страницата за да се олесни пребарувањето.
„Го одвоивме делот на финансиската транспернтност со информациите од јавен карактер. Под финансиска транспарентност, финансиските извештаи се поделени во годишни извештаи, регистри на донатори, завршни сметки и се она што е потребно и што е законска обврска на политичките партии. Значи, со поддршка на ИРИ направени се обрасци со многу поедноставен изглед што им олеснуваат на граѓаните, медиумите и секој што е заинтересиран за информации од политичка партија да ги пополнат многу поедноставно и да ги побараат“,
рече Кузевска.
Таа истакна и дека за да се реализира тој процес потребни се информатичари и стручни луѓе.
„Кога стануваа збор за бодувањата, можеби, имавме некои различни видувања за тоа колку поени треба да се даде доколку сме транспарентни во овој дел, а помалку транспарентни во друг дел. Задршка воопшто немаше, моментот повеќе беше околу човечкиот капацитет. За да се реализира целиот овој процес потребни се стручни луѓе кои знаат ова да го сработат, информатичари кои ќе ја олеснат целата реализација. И повеќе околу тоа беше предизвикот – дали ќе можеме да одговориме во најбрз можен рок да го направиме и, секако, се подобруваме согласно сите насоки што ни се дадени“,
нагласи Кузевска.

Омер Ајдини од Алијанса за Албанците, во дебатата во „360 степени“, рече дека последните месеци имале многу тесна соработка со ИРИ и дека заедно со „една фантастична екипа во рамките на партијата која работела ден и ноќ“, Алијанса стигнла до „најтранспарентниот веб-сајт од сите политички партии“.
„Ова не го велиме ние, тоа го велат и тие со кои сме соработувале, значи од страна на ИРИ, затоа што, навистина, на веб-сајтот на нашата партија се наоѓаат сите документи што се потребни за нашата партија да биде, можеби, меѓу првите на индексот што ќе се прави следниот пат. Постигнавме тотална трансформација, благодарение на соработката со ИРИ и благодарение на прекрасната екипа што ја имаме“,
рече Ајдини.