Минимално подобрување на активната транспарентност е забележано годинава кај Владата, министерствата и општините, покажува Индексот на рангирање, кој денеска го објави Центарот за граѓански комуникации.
Активната транспарентност на сите овие институции, вкупно 98, изнесува 58,2 %, што е на ниво на просечна активна транспарентност. Во споредба со индексот за 2019, пак, тоа е минимално подобрување од 2,2 %.
Интересен е податокот што за првпат во последните 5 години откако се изработува овој индекс едно министерство е на врвот на табелата. Станува збор за Министерството за одбрана чиј индекс е 97,9 %. Следните шест места ги заземаат општините од кои највисок индекс има Велес, 94,4 %. На дното на табелата е новоформираното Министерство за политички систем и односи со заедниците (МПСОЗ) со 0 % активна транспарентност. На претпоследното место, пак, е Општина Зелениково со 4,3 %.
Во споредба со минатата година, поединечно најголемо подобрување на индексот имаат Валандово со 28,6 % и Карпош со 25,8 %. Најголем губитник, пак, е Струга чиј индекс паднал за 25,2 %.

Каква е состојбата кај министерствата поединечно?
Министерствата, генерално, во последните три години имале континуиран пораст, а во 2020 се бележи стагнација на активната транспарентност, дури и мало намалување.
„Нивната просечна транспарентност е 77,1 %, за разлика од ланските 77,6 %. Како и да е, активната транспарентност на министерствата сè уште е значително подобра од онаа на општините, која изнесува 54,5 % и по неколкугодишното намалување, сега бележи пораст втора година по ред“,
пишува во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.

Од вкупно 16 министерства и Владата, кај половина има пораст, а кај другата половина има намалување во исполнувањето на нивните обврски за активна транспарентност. За разлика од Министерството за правда кое бележи најголем скок, Министерството за локална самоуправа има најголем пад од 10 места и сега се наоѓа на 29-то место во вкупното рангирање или на 10-то во однос на министерствата.
„Министерството за внатрешни работи ѝ го одзеде второто место на Владата, која годинава е на четвртата позиција, на која се наоѓа и Министерството за информатичко општество и администрација со скок од ланската 11 позиција. На трето место изби Министерството за финансии. Министерството за земјоделство, од првата позиција лани во рангирањето на министерствата, годинава падна на шестото место. А од ланската шеста позиција, дури на 14 место годинава падна Министерството за образование и наука“,
покажува извештајот.
Рангирани во групи, седум министерства се во групата „многу добра“ активна транспарентност (Министерство за одбрана, МВР, Министерство за финансии, Министерство за информатичко општество и администрација, Влада, Министерство за земјоделство и Министерство за здравство), осум во „добра“ (Министерство за труд и социјална политика, МНР, Министерство за правда, Министерство за економија, Министерство за локална самоуправа, Министерство за животка средина, Министерство за образование и наука, Министерство за транспорт и врски), а по едно во „просечна“ (Министерство за култура) и „многу слаба“ (Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците).

Каква е состојбата кај општините поединечно?
Општините годинава се вратија на врвот на листата каде се наоѓаат институциите со „многу добра“ активна транспарентност, покажува извештајот на Центарот за граѓански комуникации. Од 21 институција во оваа група, 14 се општини.
Најдобра е Велес, а по неа следуваат Карпош, Крива Паланка, Битола, Демир Хисар, Македонска Каменица, Валандово, Зрновци, Гази Баба, Струмица, Делчево, Куманово, Кавадарци и Охрид.
Наспроти тоа, со исклучок на едно министерство, само општини ги заземаат и последните 37 места во рангирањето, од кои седум се во групата со „многу слаба“ активна транспарентност (покрај спомената Зелениково тука се и Старо Нагоричане, Петровец, Центар Жупа, Липково, Пласница и Чучер Сандево).
Од вкупно 81 општина, само 43 годинава успеале да ја подобрат активната транспарентност во споредба со лани кого подобрување имало кај дури 70 општини.
„Лидери во подобрувањето се шест општини кои процентот на исполнетост на обврските, само за една година, го подобриле за повеќе од 20 процентни поени: Валандово, Карпош, Делчево, Центар, Лозово и Росоман“,
пишува во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.
Ако се погледне, пак, по региони, источниот и годинава е на првото место што го зазеде лани. Според активната транспарентноста општините од источниот регион ги исполнуваат обврските со индекс од 68,3 проценти, што е подобрување од лани за 6,3 процентни поени. Со 44,4 проценти, пак, е скопскиот регион.

На институциите најтешко им паѓа финансиската транспарентност
Во извештајот се нагласува дека во однос, пак, на области, институциите објавуваат најмногу информации од областа на пристапот до информации, а најмалку од областа на буџетската и финансиската транспарентност.
„И општините и министерствата најслабо стојат кај активното објавување информации од областа буџетска и фискална транспарентност, каде што од можни 100 %, општините исполнуваат само 36 % (лани 26 %), а министерствата 42 % (лани 57 %) од обврските за активно објавување информации“,
се забележува во извештајот.
Во делот за пристапот до информации обврските за активно објавување на податоци согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, процентот на исполнување на обврските кај општините е 67, исто како и лани, додека кај министерствата е 88 %, а лани бил 95 %.
Обврската за објавување информации за надлежност и услуги, пак, кај општините е исполнета 36 % во споредба со ланските 47 %, а кај министерствата 89 % во споредба со минатата година кога индексот изнесувал 86 %.

Повеќе од половина институции го прекршиле законскиот рок за одговор на барања
Во извештајот на Центарот за граѓански комуникации содржани се и податоци за тоа колку институциите одговараат на барањата за слободен пристап до информации.
За разлика од претходните години, кога просечно одговарале во максималниот законски рок од 30 дена, сега само 40 % од институциите го испочитувале новиот законски рок од 20 дена и одговориле во рамки на него. На прашањата, пак, годинава воопшто не одговориле 4 % од институциите во споредба со минатогодишните 12 %.

Што е активна транспарентност и како се мери?
Под „активна транспарентност“, нагласуваат од Центарот за граѓански комуникации, се подразбира објавување на информации по сопствена иницијатива без некој да испрати барање за пристап до тие информации. Наспроти тоа, кога има барање станува збор за „реактивна транспарентност“.
Ова истражување е спроведено врз основа на изработена методологија и структурирани прашалници за исполнетоста на обврските за активно објавување на информациите на интернет-страниците на институциите.
„Основа за изработката на прашалниците претставуваа законските обврски што ги имаат институциите за објавување информации од разни сфери кои се од важност за граѓаните и кои влијаат врз нивните животи и работењето. Во оваа смисла, земени се предвид, пред сè, обврските кои произлегуваат од Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер и оние обврски од други закони што се однесуваат на трошењето јавни пари“,
нагласуваат од Центарот за граѓански комуникации.
Индексот на активна транспарентност, кој се изработува петта година по ред, е во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.