Лидерот на мнозинството во Сенатот, републиканецот Мич Меконел, синоќа зад затворени врати на своите колеги им соопштил дека му недостигаат гласови за да ги спречи демократите да повикаат сведоци во судската постапка за импичмент на Доналд Трамп.
Ова синоќа го објавија некои американски телевизиски мрежи веднаш по излагањето на аргументите од страна на одбраната на претседателот, кое заврши побрзо отколку што се очекуваше.
Некои умерени сенатори, како Мит Ромни од Јута, Сузан Колинс од Мејн и Лиза Мурковски од Алјаска, досега во неколку наврати изјавија дека би им било интересно да слушнат нови сведочења.
Од друга страна, пак, во своите коментари за новинарите, некои сенатори, како Линдзи Грем од Јужна Каролина или Џон Баросо од Вајоминг, укажаа дека републиканците се едногласни во своето убедување судењето за импичмент да заврши што побргу со гласање Трамп да биде оправдан.
Меконел и неговите сопартијци се спротивставуваат на идејата за повик на сведоци, како на пример Џон Болтон, екссоветник за национална безбедност на Трамп.
Демократите инсистираат на продлабочување на судската постапка со распити на Болтон и други сведоци, по сознанијата дека Трамп лично му кажал на својот советник дека ја задржува воената помош за Украина и во замена бара Киев да започне истрага за негов политички ривал.
Во завршните говори синоќа адвокатите на Трамп повикаа затворање на постапката.
„Тој знаел за што зборува и не е точно да се тврди дека не работел во заштита на националните интереси“, изјави адвокатот Џеј Секулов алудирајќи на телефонскиот разговор Трамп-Зеленски од 25 јули 2019 година.
Во врска со наводите дека Болтон знаел за намерата на Трамп, Алан Дершовиц, член на правниот тим на одбраната, изјави дека и претседателот да кажал така, тоа не е за импичмент.
Сенаторите, кои се порота во судењето, денес и утре во текот на 16 часа ќе поставуваат прашања на менаџерите (обвинителите) и на адвокатскиот тим на Трамп.
За разрешување на Трамп од власт се потребни две третини од гласовите во Сенатот. Со оглед на тоа што републиканците држат 53 сенатски мандати, а демократите 47, и никој од Републиканската партија не го поддржа импичментот, претседателот по се изгледа ќе биде оправдан.
Републиканските сенатори планираат гласањето да се случи неделава в петок.
Од најнова анкета на универзитетот Квинипек, 75 отсто од испитаните регистрирани гласачи изјавиле дека сакаат да видат сведоци во судењето за импичмент.