Демократите од Претставничкиот дом синоќа во Сенатот настапија со серија обвинувања на сметка на американскиот претседател Доналд Трамп за „повеќекратна и груба“ злоупотреба на претседателската власт.
„Квид про кво“ (услуга за услуга), „корупција“, „предавство“, злоупотреба на власта во најчиста форма“, „лаги и измами“ во негова „лична политичка корист“ за „реизбор“ со „преиначување на резултатот од изборите во 2020 година“, беа некои од квалификациите што обвинителите од редовите на демократите ги кажаа вчера во нивните повеќечасовни настапи пред судот за импичмент на Трамп, што беше пренесувано во живо на националните телевизии.
Според нив, овие акции уставно можат да се окарактеризираат како „посебно тешки злосторства и прекршоци“, за кои тој треба да биде разрешен од функција.
Конгресменот Џеролд Надлер, еден од менаџерите (обвинителите) на импичментот, во својот настап пред сенаторите изјави дека обидите на Трамп да го натера Киев да започне истрага за Бајден „ги олицетворуваат најголемите стравувања на основоположници на САД.
Надлер рече дека сите 44 претходни претседатели би биле шокирани, од потезите на 45. претседател на САД, па дури и претседателот Никсон, кој поднесе оставка по скандалот „Вотергејт“, стравувајќи дека Конгресот може да му изгласа импичмент.
„Тоа не е политика ‘интересот на Америка на прво место’, туку ‘Доналд Трамп на прво место’“, рече Надлер.
Тој се повика на професорите по уставно право кои даваа искази на сослушувањата во Претставничкиот дом лани во ноември, кои го истакнаа неспорниот фактот за злоупотреба на власта и укажаа на можноста за обвинение против на Трамп.
„Импичмент не се прави за мали незаконски дела. Целото однесување на претседателот Трамп е постојана закана“, рече Надлер.
Конгресменот од Калифорнија, Адам Шиф, главен менаџер на импичментот, ги повика сенаторите да увидат што е правилно, а што е погрешно, и да гласаат „за“ или „против“ разрешување на Трамп по свое лично убедување.
„Правилата и вистината се најважни. Без тоа сме изгубени“, рече Шиф.
Демократите и денеска продолжуваат да ги изнесуваат своите аргументи. Настапот на адвокатите на Трамп ќе започне во утре, в сабота, и најверојатно ќе продолжи идната недела.