Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција велат дека за останатиот дел од истрагата во „Империја“ кој се однесува на периодот по 2009 година, како и стечајната постапка на МПМ, постапката продолжува. Во моментов течат роковите во кои обвинетите и одбраната имаат право на увид во доказите и да предлагаат докази
Покрај со бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, обвинителката Лиле Стефанова во случајот „Империја“ постигнала спогодба и со Ненад Јосифовиќ, кој е еден од обвинетите во предметот. И со него, како и со Камчев, спогодбата е тој да одлежи една година затвор.
Во затворските казни на двајцата обвинети им се засметува и времето поминато во притвор, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Оттаму не наведоа колку време тие поминале во притвор односно уште колку од затворските казни треба да се издржат.
За доиздржување на казните, тие ќе треба да добијат упатен акт од судија за извршување на сакции.
Она што е познато е дека Камчев се спогодил за делото злоупотреба на службената положба, а Јосифовиќ за перење пари и други приноиси од казниво дело.
Покрај затворските казни, спогодбата опфаќа и дека Камчев преку неговите фирми треба да ја надомести штетата на државниот буџет на име на неплатени даноци во износ од 320 918 372 денари или околу 5,2 милиони евра. Тие веќе се уплатени на сметка на Управата за јавни приходи (УЈП) пред три дена.
„Правното лице ’Кара‘ АД Скопје како правен следбеник на правното лице ’Орка холдинг‘ АД Скопје и ДПТУ ’ХООР’АД Кавадарци на 26.04.2022 година по претходно дадена сметка и износ од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција исплати износ од 320 918 372 денари на сметката на УЈП“,
велат од обвинителството.
Постигнатите спогодби се однесуваат на кривични дела до 2009 година.
Во врска со дејствијата на Камчев и Јосифовиќ, од обвинителството велат дека тој заедно со уште двајца обвинети со иницијали К.К.С. и З.А. и покојниот И.К. во улога на одговорни лица од Одборот на директори на „Орка холдинг“ ги искористиле овластувањата и го оштетиле доверителот УЈП за 5,3 милиони евра. Фирмата „Орка холдинг“ во октомври 2004 година била преименувана во ДПТУ „ХООР“ АД Кавадарци.
„Обвинетиот Ј.К., во јануари 2004 година, основал офшор компанија во САД. Од страна на обвинетите Ј.К., К.К.С. и З.А. заедно со сега покојниот И.К. била донесена одлука за склучување на фиктивен договор со компанијата за наводна изработка и испорака на конфекција – воени униформи. Компанијата која немала вработени лица, ниту деловни активности, била застапувана од обвинетиот Д.Ј. – вработен како возач во правното лице ’Орка холдинг‘ АД Скопје, кој прифатил да се потпишува како полномошник. Заради наводно обезбедување дека униформите ќе бидат изработени, поголем дел од имотот на ’Орка холдинг‘ бил ставен под хипотека“,
велат од Обвинителството.
Понатаму, за да го намали имотот на „Орка холдинг“, Камчев во име на офшор фирмата од САД во периодот од јануари 2004 до мај 2005 година неколку пати изготвувал невистинити фактури со вкупен износ од 11 милиони евра кои биле евидентирани во книговодствена евиденција како вистинити.
Повикувајќи се на овие фактури, офшор фирмата, оформена од Камчев, повела судски постапки за да ги добие побарувањата од фирмите на Камчеви во земјава.
„Врз основа на извршни решенија, правното лице – доверител ја блокира жиро сметката на ’Орка холдинг‘ АД Скопје кое во меѓувреме се преименува во ДПТУ ’ХООР‘ АД Кавадарци. На крајот на месец август 2005 година обвинетиот Ј.К. иако знаел дека побарувањата се невистинити преку правното лице – доверител, поднесува барање за отворање на стечајна постапка над ДПТУ ‘ХООР‘. Со тоа Ј.К. како вистински сопственик на правното лице – доверител поднел невистинито стечајно побарување, по што Основниот суд Кавадарци во 2006 година донел решение со кое го одобрил планот за реорганизација на стечајниот должник ДПТУ ’ХООР’ АД во стечај – Кавадарци“,
велат од Обвинителството.
На ваков начин за американската фирма била прибавена имотна корист од 108 251 акција со што таа сега станала доминантен сопственик на акциите во ДПТУ „ХООР“ АД Кавадарци. Друга фирма од Швајцарија, чиј краен сопственик бил покојниот И.К., пак станала сопственик на 18 381 акција. Овие две фирми биле застапувани од обвинетиот Ненад Јосифовиќ.
Со оглед дека веќе други биле сопствениците, УЈП била оневозможена да го наплати побарувањето од 5,2 милиони евра.
Понатаму, Собранието на ДПТУ „ХООР“, во јуни 2006 година одлучува повторно да ја преименува фирмата и да го врати старото име „Орка холдинг“.
„Обвинетиот Н.Ј. поттикнат од сега покојниот И.К. како полномошник на двете правни лица – сопственици на капиталот, во јули 2007 година, иако знаел дека 126 632 акции од ’Орка холдинг‘ АД Скопје се прибавени со кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, склучил договор за купопродажба. За износ од 21 588 000 денари на правно лице од Лугано му продал 99,88 отсто од акционерскиот капитал, а правното лице било преименувано во ’Евро Балкан груп‘. Во август 2012 година акциите повторно се продадени на правното лице ’Орка холдинг‘ АД Скопје за износ од 61 380 000 денари, по што правното лице ’Евро Балкан груп‘ во септември истата година е преименувано во ’Кара’АД Скопје со што бил прикриен изворот и сопственоста на акциите“,
соопштија од обвинителството.
Пред три дена, од „Кара“ АД Скопје на сметка на УЈП била уплатена штетата од 5,2 милиони евра.
Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција велат дека за останатиот дел од истрагата во „Империја“ кој се однесува на периодот по 2009 година, како и стечајната постапка на МПМ, постапката продолжува. Во моментов течат роковите во кои обвинетите и одбраната имаат право на увид во доказите и да предлагаат докази.
Предметот претходно беше во рацете на СЈО, но по неговото згаснување премина во надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Поранешното СЈО за отворање на истрага со кодно име „Империја“ информираше преку соопштение на својата веб-страница во 2018 година, кога наведе дека осомничени се: Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски.
Можните спогодби на дел од обвинетите лица, обвинителката Стефанова ги најави во изјава за медиумите пред една недела велејќи дали тие ќе се постигнат ќе зависи од тоа колку обвинетите се спремни да го вратат нелегално стекнатиот имот. Таа рече дека има повеќе лица од кои пристигнале иницијативи за спогодби, но до овој момент официјално е потврдено само за Камчев и Јосифовиќ.
Во рамки на „Империја“ на 15 април обвинителството поднесе и барање за замрзнување на имот. Судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје го прифати, а потоа одлуката беше потврдена и од кривичниот совет во овој суд.