Две децении подоцна, во слични околности, името Иван Михајлов, познат под псевдонимот Радко, повторно ја бранува домашната јавност, откако во 2000 и 2001 г. се случи „премиерата“ – регистрација и промоција на здружение од Охрид со таков назив во тензични околности
Интригантно е што спротивно на одлуката на Уставен суд од 2001 г. со која Статутот и Програмата на „Радко“ се прогласени за ништовни, Судот во Стразбур во 2009 г. оценил дека името, само по себе, не е доволно за „згаснување“ на здружение во демократска држава
Пресудата во Стразбур е донесена со шест гласа „за“ и еден „против“ – на судијката од Македонија, Мирјана Лазарова-Трајковска, која дала издвоено мислење

Во екот на јавната дебата по саботната церемонија кога Здружението „Иван Михајлов“ од Битола отвори и клуб „Ванчо Михаилов ВМРО“ и тоа во присуство на целиот бугарски државен врв, се отвори прашањето како институциите воопшто дозволиле регистрирање на организација со такво име.
Во медиумските извештаи деновиве се споменува и пресудата на Уставниот суд од 2001 година, кога ја укина регистрацијата на Здружението „Радко“, именувано по псевдонимот на Иван (Ванчо) Михајлов. Уставен ги прогласил статутот и програмата на Здружението за ништовни оти ценел дека биле насочени кон насилно рушење на уставниот поредок и потикнување на национална или религиска омраза и нетрепеливост.
Според Уставен, вистинската цел на Здружението била оживување на идеологијата на Радко. Судот, меѓу другото, одлуката ја темелел на тоа дека „според учењето на Иван Михајлов ‘Радко’, македонскиот народ никогаш не суштествувал на овој простор, туку истиот им припаѓал на Болгарите од Македонија…“.
Следната година, Основниот суд Охрид утврдил престанок на работата на Здружението, по што следувала жалба до Апелацискиот суд во Битола, а потоа и до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Аргументите на жалителите и на Владата
Здружението се жалело во Стразбур зашто по одлуката на Уставниот суд , членовите биле лишени од можноста заеднички да ги реализираат целите утврдени со статутот и програмата. Според нив, вмешувањето на државата било неоправдано и не било неопходно во демократско општество. Тие изјавиле дека одлуката на Уставниот суд е донесена само на две основи: дека програмата на Здружението го негира концептот на „Македонскиот идендитет“, па соодветно на тоа би можела да предизвика силна реакција во јавноста, која би можела да резултира со етнички насилства и второ, дека избирајќи го за име псевдонимот на Иван Михајлов, Здружението ги промовира „фашизмот“ и „тероризмот“.
Во жалбата и во постапката пред Судот во Стразбур, Здружението негирало дека некогаш сугерирало нешто што би можело да се протолкува како поддржување на политичко насилстви или тероризам. Дополнително, според нив, Иван Михајлов не би можел да се смета за јасен симбол на фашизмот.
Од друга страна, Владата застанала зад одлуката на Уставниот суд. Нејзиното тврдење пред Стразбур било дека домашниот суд одлуката ја темелел на највисокиот акт – Уставот. Владата уверувала дека Уставниот суд утврдил дека називот на Здружението и идеологијата на Ванчо Михајлов поттикнувале и повикувале на национална омраза и нетрепеливост и дека тоа водело кон негирање на слободата на изразување на македонската национална припадност.
„Слободата на изразување важи и за идеја што повредува, шокира или вознемирува“
Сепак, овие аргументи не биле доволни за Стразбур. Оттаму ценеле дека Уставниот суд не обезбедил објаснувања зошто негирањето на македонскиот идентитет е еднаков на насилство, особено на насилно уривање на уставниот поредок, зашто ништо во основачките акти на Здружението не укажува дека тоа ќе застапува насилство. Со оглед дека Владата и Уставниот суд не дале доказ дека Здружението би можело да дејствува како „терористичко“, клучен елемент во прогласувањето на основачките акти за ништовни, според Судот во Стразбур, било името на Здружението и учењето на Иван Михајлов-Радко.
„Под овие околности, Судот не може да прифати дека името ‘Радко’ и неговите или идеите на неговите следбеници биле одговорни за нараснатите непријателски чувства кај популацијата, имајќи предвид дека имало импликации за можна повреда на ставовите на мнозинството на популацијата. Сепак, Судот смета дека именувањето на Здружението според поединец кој негативно се третира кај мнозинството од полулацијата, не би можело самото по себе да се смета обвинувачко или да претставува самото по себе во сегашноста, идна закана за јавниот ред. Во отсуство на некаков конкретен доказ кој ќе покаже дека со изборот на Здружението да се вика себеси ‘Радко“’, се предодредило за политика која ќе претставува реална закана за македонското општество или државата, Судот смета дека произнесувањето засновано на називот на Здружението, само по себе, не го оправдува неговото распуштање“,
пишува во пресудата на Европскиот суд за човекови права.
Стразбур оценил дека прекумерни мерки од превентивна природа за спречување на слободата на здружување и изразување, освен во случаите на иницирање на насилство или отфрлање на демократските принципи – колку и да се чинат шокантни и неприфатливи одредени ставови или искористени зборови за властите, и колку и да се нелегитимни направените барања – ја повредуваат демократијата и често дури и ја загрозуваат.
„Од тоа гледиште, не може да има оправдување за распуштање на група, само затоа што таа бара јавно да дебатира одредени прашања, и да најде, согласно демократските принципи, решенија“,
е наведено во пресудата на Стразбур.
Судот оценил и дека жалителите претрпеле нематеријална штета и ја задолжил државата да им плати 5 000 евра и судски трошоци.
Дополнително, Судот се повикал и на судската пракса, како на пример, во случај македонските здруженија во Бугарија.
„Слободата на изразување е применлива не само за ‘информација’ или ‘идеја’, која е општоприфатена или се смета за ненавредлива или рамнодушна, туку исто така и за онаа која повредува, шокира или вознемирува. Такви се барањата на плурализмот, толеранцијата и слободоумноста без кои нема ‘демократско општество’ (види Stankov and the United Macedonian Organisation Ilinden v. Bulgaria, nos. 29221/95 and 29225/95, § 86, ECHR 2001-IX; Handyside v. the United Kingdom, 7 December 1976, § 49, Series A no. 24; and Gerger v Turkey [GC], no. 24919/94, § 46, 8 July 1999)“,
се вели во образложението на Судот во Стразбур.
Издвоеното мислење на судијката Мирјана Лазарова-Трајковска
Судот ја донел одлуката со шест гласа „за“. Против била само судијката Мирјана Лазарова-Трајковска, која во издвоеното мислење се сложила со тезите на Уставниот суд и Владата од матичната држава.
„Судот одлучил дека негирањето на постоењето на македонската нација (главна цел на Здружението), викајќи го својот народ како славо македонци од бугарско потекло, било сериозна и низ историјата употребувана основа за насилство и национална нетрпеливост. Во тој поглед, Уставниот суд ја играл улогата на заштитник на Уставот и демократијата во демократско општество и за заштита на правата и слободите на останатите. Логиката е дека никому не може да се дозволи да ја злоупотребува слободата на здружување со цел да промовира идеи за непочитување и дискриминација на правата на останатите“,
се вели во издвоеното мислење на судијката Мирјана Лазарова-Трајковска.
Таа сметала дека жалбата на Здружението „Радко“ требало да биде прогласена за недопуштена.
„Жалителите биле регистрирани и биле во можност да ја спроведуваат слободата на здружување. При спроведувањето на својата слобода на здружување, било утврдено дека преку нивните активности тие провоцирале насилно однесување и непочитување на човековите права на другите граѓани. Уставниот суд пресудил дека основите на таквото однесување се утврдени во Прогарамата и Статутот на Здружението“,
сметала судијката Лазаревска Трајкова, според која, пресудата на Уставниот суд била легитимна и во склад со Уставот на Републиката и судската пракса на Европскиот суд за човекови права.
Во 2016 г. регистрирано Здружение „Радко“
Во октомври 2016 година во Централниот регистар е регистрирано Здружение на граѓани „Радко“ Охрид. Како претседател се појавува Владимир Паунковски, кој е меѓу основачите на здружението „Радко“ од 2000 година и кој ја предводел постапката во Стразбур. Од документите во кои имаме увид, не е јасно дали регистрацијата е направена врз основа на пресудата од Стразбур од 2009 година.
Меѓу целите, и ова Здружението се залага да биде „организација на способни, предприемчиви и уверени во себе си граѓани, коишто можат да преземаат одговорност за себе си, за своите семејства и за својата бугарска историско-културна заедница во Р. Македонија“, како и да биде организација изградена врз основа на традициите на европската христијанска цивилизација и на христијанските и плуралистичко демократските традиции на бугарската ренесанса од 19 век.