Костова вели дека Богојески е целосно недоветен и несоодветен за да ја извршува новата функција, уште помалку да служи како пример за студентите

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) смета дека именувањето на Петар Богојески за директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е скандалозно и неприфатливо.
Според потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, тој има детално документирана историја на навредливо и дискриминаторско однесување и говор на омраза на јавни платформи.
„Неговите коментари се деградирачки, сексистички, дискриминаторски, албанофобни, расистички изрази, што е целосно неприфатливо за носител на каква било функција. Однесувањето на Богојески е во целосна спротивставеност со вредностите на почит, еднаквост и инклузивност, кои се основа на европските образовни програми што ги претставува Агенцијата на чие чело е поставен“,
пишува Костова во објава на својот фејсбук-профил.
Костова вели дека Богојески е целосно недоветен и несоодветен да ја извршува новата функција, уште помалку за да служи како пример за студентите.
„Именувањето на ваква контроверзна личност испраќа загрижувачка, но јасна порака за приоритетите на Владата предводена од Мицкоски и ДПМНЕ. Со поставување личност со богата историја на дискриминација, говор на омраза и поделби на чело на Агенција посветена на унапредување на единството и напредокот, Мицкоски и ДПМНЕ го поткопуваат значењето на оваа институција и го загрозуваат секој обид за реално подобрување на состојбите во образованието“,
рече Костова додавајќи дека ова именување во целост го отсликува целосното игнорирање на основните европски вредности од страна на Владата.
За скандалозната одлука за ова именување, Костова рече дека СДСМ писмено ќе ги информира и претставниците на генералниот Директорат за образование и култура при Европската комисија.
„Директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност треба да биде лице кое ги отелотворува принципите на почит, инклузивност и напредок, а не партиски подобен галамџија, кој сиот свој јавен профил го градел на анти-европски и сентименти на омраза и дискриминација“,
додава таа.
Околу назначувањето на Петар Богојески за директор на агенцијата што управува со парите од „Еразмус“ изминатите денови реакции имаше од Демократската унија за интеграција и од Алијанса за Албанците на Зијадин Села.
Од ДУИ велат дека оваа институција има за цел да ги приближува младите кон европските вредности, „а не да ги навредува и понижува“. Од ДУИ велат и дека давањето доверба за европските фондови за управува човек кој не само што упатувал навредливи пораки до Албанците, туку и до самата Европска Унија и нејзините вредности, претставува понижување и за европските партнери и за даночните обврзници на ЕУ кои ги финансираат овие програми.
Од Алијанса за Албанците (АА) на Зијадин Села сметаат дека назначувањето на Богојески е во целосна спротивност со моменталната европска ориентација на земјата. Оттаму сметаат дека со ова се докажува оти Северна Македонија оди во поинаква насока од онаа што се градела со децении и со многу труд.