Направени се неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, ДСЗИ, Управа за јавни приходи, разни државни инспекторати и агенции и сл. и согласно записниците од направените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во кој било сегмент во работењето, па ниту во делот на јавните овластувања, велат од Стоматолошката комора
Имавме неколку контроли и не беа констатирани неправилности во работењето, велат од Стоматолошката комора. Реакцијата следува по прес-конференцијата на министерот за здравство Азир Алиу кој во саботата посочи дека Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање на Стоматолошката комора. Претседателот на Стоматолошката комора Марјан Денковски ги демантира и наводите дека на Комората и биле дадени насоки, а таа не постапила.
„Сакаме да посочиме дека во меѓувреме, во наведениот период, за работењето на Комората се направени неколку надзори и контроли од страна на Министерството за здравство, ДСЗИ, Управа за јавни приходи, разни државни инспекторати и агенции и сл. и согласно записниците од направените надзори и контроли кои ги поседува Комората, нема утврдени неправилности во кој било сегмент во работењето на Комората, па ниту во делот на јавните овластувања кои се доделени со закон“,
вели Денковски.
Според Денковски, наводите за незаконски постапки се однесувале на периодот од 2006 г. и 2016 г. па најави дека ќе ги повика на разговор неговите претходници.
„Исто така, ќе се направи средба со Лекарска комора зошто ако кај нас, во стоматологија, т.н. „незаконска” едукација вршеле околу 15-ина, како што беа наречени, нерегистрирани здруженија, во Лекарската комора, во системот на Континуирана медицинска едукација учествуваат или учествувале над 80 такви здруженија – меѓу кои доминираат членки на Македонско лекарско друштво, “
рече Денковски.
Денковски посочи дека имале интензивна комуникација со министерот за здравство минатата недела и дека заклучиле доколку има некакви неправилности, Комората да ги исправи.

Фото: МИА
Претходно министерот Алиу потенцира дека надзорот на документите на Стоматолошката комора детектирал сериозни пропусти како едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување на лиценците.
„Надзорот, како и документите покажаа сериозни пропусти – договори склучени ретроактивно спротивно на закон, одлуки и документи без потпис и со невалидна документација, игнорирање на привремената мерка и конечноста на одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на законот“,
рече Алиу.
Чекорот со одземање на надлежностите за лиценцирање од Стоматолошката комора тој ја нарече почеток на реформа која треба да ја врати довербата, која треба да обезбеди интегритет и која ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаење и со вештини усогласени со најновите светски стандарди.
Министерот соопшти и дека има индиции за финансиски злоупотреби.
„Имаме сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби на Комората за кои финансиската полиција истражува, има прибавено обемна документација, за која веруваме дека за брзо време ќе има епилог“,
додаде Алиу.