Владата е сериозно посветена на правната државата, на економијата и на справување со пандемијата, заклучиле премиерот Зоран Заев и неговиот коалициски партнер, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешната средба.
Како што информираат и Заев и Ахмети на социјалните мрежи, средбата била по повод 100 дена од мандатот на Владата.
„Правиме пресек на сработеното и остварените резултати на централната власт и на парламентарното мнозинство. Имаме Влада на граѓаните, стабилна, бидејќи се потпира на здрави вредности, на грижа за другиот, на разбирање и поддршка во тешки моменти. Имаме Влада која е сериозно посветена на правната држава, на економијата и на справувањето со пандемијата“,
вели премиерот Заев.
Тој додаде дека на денешниот состанок на широката владина коалиција, му искажал голема благодарност на Ахмети за поддршката која ја дава во процесот на преговори меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Ахмети информираше дека главните точки на кои разговарале коалиционите партнери се економијата, справувањето со ковид-19, добрососедските односи и напорот да се одржи првата меѓувладина конференција на С Македонија за почеток на преговори со ЕУ.
„Ние цениме дека напорите на нашата коалиција треба да продолжат и да останат во иста насока, поддржана од граѓаните и меѓународната заедница“,
додаде Ахмети.