Шекеринска не зборуваше само за успесите туку се осврна и на предизвиците околу оваа проблематика потенцирајќи дека една од најсериозните закани е насилството на социјалните мрежи
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска вели дека прашањето на вклученоста на жените во процесите на одлучување, во мирот и безбедноста, не е проблем само на жените во Западен Балкан, но и дека регионот има примери зошто вклученоста на жените во процесите на одлучување гарантира успех, а се посочи и себе како еден од тие.
Својот став за вклученоста на жените, таа го изнесе како една од говорничките на панелот за унапредување на агендата „Жени, мир и безбедност“ во Западен Балкан, во рамки на „Преспа форумот за дијалог“.

Шекеринска потсети дека таа е првата жена во земјава што застанала на чело на Министерството за одбрана и оти била свесна дека ќе има негодувања и скептицизам, но и дека денеска општеството мора да признае дека земјата го поминала прагот на НАТО додека жена била на чело на тој ресор.
„Станува збор за професија во која доминираат мажите, се појавуваа прашања за служење на војска, дали ми е јасно за каква област станува збор … Јас знаев дека мора да се соочам со тој скептицизам и знаев дека ние како тим мора да работиме десет пати повеќе за да ја постигнеме целта. Сега, три или четири години подоцна, дури и оние т.н. ’мачо-мажи‘ не само во војската, туку и во општеството мора да признаат дека жена во Министерството за одбрана ја понесе земјата кон НАТО, и го помина прагот на Алијансата. Жена успеа после подолг период да го зголеми одбранбениот буџет, да ги зголеми платите, да ја подобри транспарентноста, да ги зголеми пензиите, да го подобри квалитетот на работа и живот во Армијата, истовремено не занемарувајќи го прашањето на родовата рамноправност, во ниту еден момент“,
рече министерката.
Таа зборуваше и за застапеноста на жените во армијата, споделувајќи податок дека во нашата тие се околу 10 отсто, исто како што е случаи и во многу други членки на НАТО. Тоа според Шекеринска е далеку од проектираните цели. Кога станува збор за Министерството, таа сподели дека бројот на жени е во пораст и изнесува близу 58 проценти, а исто така се зголемува и бројот на оние кои се на раководни позиции. Во меѓународните операции, пак, процентот се зголемил од 4 на 9 отсто, а нагласи и дека триплирал бројот на жени полковнички и оти за првпат на позицијата аѓутант на претседателот е поставена жена.
„Жените во Армијата ја шират пораката дека нашата улога не е онаа како што некогаш била – една жена учи друга, туку секоја жена помага на многу и затоа мислам дека нашата улога како лидери во различни полиња, а особено во областа на одбраната е од исклучително значење“,
рече Шекеринска.
„Сајбер-насилството може да ги уништи сите достигнувања“
Шекеринска не зборуваше само за успесите туку се осврна и на предизвиците околу оваа проблематика потенцирајќи дека една од најсериозните закани е насилството на социјалните мрежи.
„Онлајн-насилството и сајбер-заплашувањето на жените станува сила која може да ги уништи сите наши напори и достигнувања ако сериозно не се соочиме со овој проблем. Бројките велат дека 41 процент од жените се соочиле со сајбер – заплашување и се плашеле за нивната лична безбедност, 24 проценти се плашеле за безбедноста на нивните семејства. Жените имаат 27 пати повеќе можност да се соочат со онлајн-насилство отколку мажите“,
рече министерката.
Покрај Шекеринска, на истата панел-дискусија зборуваше и заменичката на Бујар Османи во МНР, Фатмире Исаки, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, како и претставници од странство меѓу кои министерката за човекови права на Србија, Гордана Чомиќ, шефицата на албанската дипломатија Олта Џачка и други.