„Платите на најголем број судии во основните судови во РСМ, со фамозното ‘зголемување’ од 78 проценти, достигнува до 86 000 денари, а примањата на судските службеници се исклучително ниски и под просечната плата во РСМ“, велат од Здружението на судиите
Од Здружението на јавните обвинители, пак, велат дека новиот предлог-закон за јавното обвинителство предвидува вкупниот буџет на институцијата да изнесува 0,5% од државниот буџет, а не од бруто-домашниот производ и дека тие средства не се наменети не само за платите на јавните обвинители, туку за целокупните трошоци на јавните обвинителства во државава
Здружението на судии на Република Северна Македонија реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска изјави дека чувствува мачнина од висината на платите на судиите и обвинителите.

Од Здружението велат дека според фактите, кои, како што наведуваа, се проверливи и достапни, платите на судиите и на судските службеници се најниски во регионот и пошироко.
„По однос ‘вечната тема’ платите на судиите во земјава, Здружението на судии јавно ќе ги обелодени фактите кои се проверливи и достапни за јавноста, а тоа е дека платите на најголем број на судии во Основните судови во РСМ, со фамозното ‘зголемување’ од 78 проценти, достигнува до 86 000 денари, а примањата на судските службеници се исклучително ниски и под просечната плата во РСМ. Ваквите плати на судиите и секако судските службеници се апсолутно најниските во регионот и пошироко“,
се вели во реакцијата на Здружението на судии на РСМ.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот дека не се согласува судиите и обвинителите да земаат повисоки плати, како што предвидуваат реформските закони во правосудството, бидејќи одлуките што ги носат и рејтингот што го имаат, според него, покажуваат дека не ги заслужуваат.
Мицкоски ова го кажа, откако при денешната посета на Штип беше прашан за коментар на вчерашната пресуда за докторката Мери Пешевска за тешки дела против здравјето на луѓето во предметот „Онкологија“, кој се однесува на несовесно лекување пациенти.
Тој не ја коментираше директно пресудата, туку се осврна на неговите општи ставови кон македонското судство и обвинителство, кои, како што рече, досега многупати биле кажани и разговарани.
Премиерот, како и на брифингот во петокот, така и денеска рече дека секогаш кога се зборува за доцнење во процесот на носење закони што значат реформи во судството и обвинителството, јавноста треба да знае дека тие закони, или вкупно шест на број, во суштина се однесуваат на зголемување на средствата што од буџетот треба да се одвојуваат за судството и за обвинителството. Според проектираните реформи, тој процент за судовите треба да биде 0,8 отсто од БДП и 0,5 отсто за обвинителството.
Овие зголемувања на буџетите, според Мицкоски, директно ќе имплицираат зголемување на платите на судиите и обвинителите, кои, како што вели тој, не ги заслужуваат и оние што ги добиваат сега.
„И секогаш чувствувам некаква мачнина, бидејќи тие сега и овие плати што ги земаат не ги заслужуваат, имајќи предвид вакви судски одлуки за кои вие сега зборувате“,
рече Мицкоски.

На изјавата на Мицкоски реагираа и од Здружението на јавни обвинители, од каде, како и од Здружението на судии велат дека земјава се наоѓа на дното во однос на буџетските издвојувања за оваа намена.
„Новиот предлог-закон за јавното обвинителство предвидува вкупниот буџет на институцијата да изнесува 0,5% од државниот буџет, а не од бруто домашниот производ. Тие средства се наменети не само за платите на јавните обвинители, туку за целокупните трошоци на јавните обвинителства во државава. Во таа сума влегуваат и платите на јавнообвинителската администрација, и трошоците за вештачења, и трошоците за сите дејствија преземени во истражните постапки, и трошоците за одржување на системите кои се неопходни за функционирање на Јавното обвинителство“,
велат од Здружението на јавните обвинители.
Оттаму потсетуваат дека од 2020 година, кога по првпат во Законот беше предвидено да се издвојуваат 0,4 проценти од државниот буџет за Јавното обвинителство, до денес обвинителството секоја година добива едвај околу половина од овие средства поради што веќе е соочено со сериозен предизвик да ги покрие основните трошоци за работа.

„Споредено со сите земји во регионот, а и пошироко, и по процентуален удел и по вкупен износ на средства, земјава се наоѓа на дното во однос на буџетските издвојувања за оваа намена. Јавните обвинители и јавнообвинителските службеници имаат најниски плати во споредба со сите останати земји во регионот. Бројот на јавни обвинители и на јавнообвинителска служба е далеку под европскиот просек, а сепак обвинителствата успеваат да го совладаат приливот на предмети и да решат по 20-ина илјади предмети годишно. Токму овие факти ги препознава и Европската Унија и од тие причини финансиската самостојност и обезбедувањето ресурси за обвинителството се меѓу клучните реформи кои се бараат од нашата земја“,
велат од Здружението на јавни обвинители.