Мицкоски во вечерашното интервју за ТВ Алсат М рече дека не е само Груби тој кој што кукавички избегал од земјата и дека како држава правиме сe што е во наша моќ „лицата бегалци од правдата да се обезбедат и да се вратат дома“
Потерницата е испратена, и сега државите кои што се наши партнери треба да да дадат одговор каде е Артан Груби.

Ова го кажа премиерот Христијан Мицкоски во вечерашното интервју на ТВ Алсат, кој на дополнително прашање, рече дека властите во земјава имаат индиции каде се наоѓаат Груби и други поранешени функционери за кои се отворени истраги за криминал, оценувајќи ги нивните бегства како кукавички постапки.
Имено, констатирајќи дека мандатот на претходната влада на СДСМ бил одбележан од бегството на експремиерот и поранешен лидер ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, а почетокот на мандадот на оваа влада од бегството на Груби, и дека двајцата ја напуштиjа државата со дипломатски возила, новинарката го праша Мицкоски каков капацитет за борба против криминалот и корупцијата има државата кога шест месеци не се знае каде е Артан Груби.
„Потерницата е испратена, и сега треба државите кои што се наши партнери да дадат одговор каде е Артан Груби. Јас не знам дали Никола Груевски избегал со дипломатско возило или не, немам таков увид во истрагата. Но, да кога станува збор за Артан Груби самиот тој или лицето кое што го придружувало или превезувало, тоа е почесен конзул на една држава со возило со дипломатски таблици ја напуштило Македонија, и потоа тоа лице беше повикано на информативен разговор“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека не е само Груби тој кој што кукавички избегал од земјата и дека како држава правиме сe што е во наша моќ „лицата бегалци од правдата да се обезбедат и да се вратат дома“.
„Јас би кажал дека не е само Артан Груби избеган, има и некои други кои се бегалци од правдата и тоа е за мене многу лош начин, би рекол кукавички начин да се постапува. Но тоа е што е, сега ние како држава ќе се обидеме се што е во наша моќ овие бегалци од правдата да ги обезбедиме и да ги донесеме дома“, рече премиерот.
На прашањето дали има информации од некоја земја во врска со Артан Груби, ексдиректорот на ЕСМ Васко Ковачевски и поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, премиерот одговори дека има индиции за сите.
„Некои се во регионот, некои подалеку“, гласаше неговиот одговор на дополнителното прашање околу тоа кеде се наоѓаат тие.

За потестување Артан Груби, поранешен прв вицепремиер од редовите на ДУИ, по ставањето на американската „црна листа“ во декември минатата година, објави дека се повлекува од јавниот живот, велејќи дека е „чист како солза“ и дека таква одлука донел за мир на неговото семејство и зачувување на личниот интегритет.
Набргу по одлуката на американскиот Стејт департмент тој избега од државата откако домашните институции ги засилија активностите, што резултираше со отворање истрагата за случајот „Лотарија“.
Груби државата ја напушти преку граничниот премин „Долно Блаце“ на македонско- косовската граница.