Меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса за Албанците и Алтернатива има договор за отворени листи за советници на претстојните локални избори, но тоа не е официјализирано затоа што треба да се види дали се задоволни и малите партии кои беа најголемите баратели за вакви изборни промени.
Ова го посочи премиерот Зоран Заев во врска со тоа до каде се најавуваните промени на Изборниот законик во однос на локалните изборите. Предлогот за кој зборуваше премиерот, е за изборот на советници да има праг од 3 проценти, меѓутоа тој не е сигурен дали тоа ќе биде прифатливо за малите партии чии гласови не се сконцентрирани само во една општина туку се дисперзирани.
„Се работи за отворени листи каде што ќе се гласа за листата, имате една преференца. Притоа, предлогот е да има најмалку праг од 3 проценти, значи кога би биле 16 000 избирачи 3 проценти е некаде околу 500 избирачи на пример. Тогаш таа преференца ќе го качува кандидатот од подолу кон погоре на листата, а останатиот дел би останал на листата за да може преференцата да биде видлива. Малите политички партии имаат резерва, викаат да видиме дали е тоа правично, сепак, се помали партии и им се дисперзирани гласовите, не се генерално на една општина или територија. Треба да се види дека правиме демократски исчекор, јас го поздравувам тоа што ВМРО–ДПМНЕ го прифати и еве го поздравувам тоа со укажувањата што ги дадоа со една преференца – првпат е, не мора да го комплицираме системот. Мислам дека ќе ја унапреди демократијата односно тој советник кој ќе биде со преференца плус гласан ќе има директна обврска кон граѓаните, не само кон партијата и коалицијата“,
изјави Заев.
Токму изборниот праг кој го споменува лидерот на СДСМ, е проблематичен за Демократскиот сојуз, чиј претседател Павле Трајанов вчера на прес-конференција ги коментираше забелешките кои ги имаат тие како мала партија во однос на предлог-измените што се однесуваат на локалните избори.