Со истата реторика во која од СДСМ посочија дека имаат чувство оти премиерот ги поставува обвинителите и јавно им дели задачи, од ВМРО-ДПМНЕ напишаа дека имаат чувство оти во СДСМ се многу осетливи. Дополнително прашуваат дали тоа е така оти се плашат од одговорност
Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ денеска испратија реакција на соопштението од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), во кое упатија критики до премиерот Христијан Мицкоски обвинувајќи го за директно влијание врз работата на Обвинителството.

Со истата реторика во која од СДСМ посочија дека имаат чувство оти премиерот ги поставува обвинителите и јавно им дели задачи, од ВМРО-ДПМНЕ напишаа дека имаат чувство оти во СДСМ се многу осетливи. Дополнително прашуваат дали тоа е така оти се плашат од одговорност.
Според владејачката партија, изминатите седум до осум години СДСМ, заедно со коалицискиот партнер Демократската унија за интеграција (ДУИ), го контаминираше правосудството инфилтрирајќи свои кадри во македонското обвинителство и судство.
„СДС и ДУИ го урнисаа правосудството, од Судски и совет на јавни обвинители, државен јавен обвинител, врховни судии, кое има два отсто доверба од граѓаните. Нивните функционери за кои имаше сомнежи дека имаат сторено криминал и корупција, не беа викани ниту на разговори, ниту пак беа осудувани, што впрочем гледаме дека денес кадри на ВМРО-ДПМНЕ не се изолираат од одговорност – доколку има доказ за истото“,
се вели во партиското соопштение.
Оттаму ги уверуваат граѓаните дека нема да одат по стапките на СДСМ и ДУИ, туку по тие на правдата и одговорноста.
„Не смее некој што сторил криминал да биде заштитен од страна на правосудството во државата“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозицијата велат дека вчерашното излагање на Мицкоски во Собранието е јасен сигнал за притисок врз обвинителите и додаваат дека ако се има предвид кој го смени обвинителот и кој сака обвинител под своја контрола сѐ е јасно.
„Имаме чувство дека Мицкоски ги поставува обвинителите и јавно им дели задачи. Со промена на обвинителот и планираниот избор на обвинител под своја контрола, власта го погреба правосудниот систем за да се спаси од одговорност за криминалните тендери, но и да им дели задачи што и како да работат“,
се вели во партиското соопштение.
Според СДСМ, ова е дел од планираното сценарио во рамки на црната кампања на ВМРО-ДПМНЕ која се обидува да изврши линч врз лидерот на опозицијата, Венко Филипче преку измислен рекет.
