Имаме резерви и систем на рано предупредување, вели шефицата на државата

фото: принтскрин, МИА
По седницата на Советот за безбедност вечерва во Вила „Водно“, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека добила цврсто и документирано уверување дека во моментов нема за што да се грижиме.
Таа итно ја свика седницата на Советот од вчера за денеска, во 18 часот, а повод беа актуелните случувања на Блискиот Исток. Посочи дека редовно се врши проценка на ризиците.
„Состојбава во која се наоѓаме, врз основа на податоците и од Агенцијата за разузнавање и од АНБ и од МНР, особено од Министерството за одбрана и за внатрешни работи, но исто така и од началникот на Генералшабот, може да се оцени состојбата како стабилна и како безбедна. Ние во моментов не сме изложени на нестабилност, ниту има опасности по безбедноста внатре и во регионот. Најважно е дека систем на рано предупредување веќе постои, заради координацијата меѓу сите надлежни органи и, се разбира, тој е многу важен и поврзан со постојаното следење на воените состојби“,
кажа Сиљановска-Давкова.
Институциите ја следат состојбата, а се во координација и со органите во регионот. На седницата се разговарало и за можното влијание и врз економијата.
„Надлежните информираа дека нема проблем. Како што знаете, интерконекторот меѓу Грција и нас веќе е во функција, законот предвидува да мора да има обезбедена нафта од 40 до 90 дена, и тоа е исполнето. Значи, од она што го чув, јас како претседателка можам да кажам дека имам цврсто уверување, не само институционално, туку и документирано, со податоци, дека нема за што да се грижиме во моментов. Се разбираме ќе ги следиме состојбите и соодветно ќе реагираме“,
рече претседателката.
Околу потенцијалните закани на седиштата на еврејската заедница или, на пример, Музејот на Холокаустот, на кои треба да им се посвети поголемо внимание, Сиљановска-Давкова добила уверување оти и тоа се следи и е под контрола.
„Што значи, не може да очекуваме изненадувања“,
заклучи таа.
Шефицата на државата вели дека нашите државјани затекнати во кризните региони се згрижени, безбедни и се во постојан контакт со нашето МНР, кое бара начин најбрзо што може тие, што сакаат да ги донесе дома.
Кој присуствуваше на седницата на Советот за безбедност
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, кое ги разгледува прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е шефицата на државата, а членови се: претседателот на Собранието, Африм Гаши, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска-Јорданова и Владо Спиридонов.
Во Вила „Водно“ вечерва присуствувале сите членови.
Покрај нив, на седницата присутвувале и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Седницата беше затворена за јавноста. Според претседателката, таа траела долго, поради темелноста на анализите и информациите.
