Уште од вчеравечер граѓаните на социјалните мрежи се организираат како да стигнат на работа. Така, во многу групи на социјалните мрежи се нудат слободни места во автомобилите и се посочува релацијата на која ќе се движат. На Фејсбук кружат и објави со апел до граѓаните да се солидаризираат со патниците на кои им е потребен превоз, особено кон повозрасните за да се однесат до болница
Скопјани од утрово мора да се снаоѓаат за да стасаат до своите работни места поради вчерашните најави на синдикатите при ЈСП „Скопје“ дека јавниот градски превоз во главниот град ќе се одвива со драстично редуциран број на автобуси, поради недостиг на гориво.
Уште од вчеравечер граѓаните на социјалните мрежи се организираат како да стигнат на работа. Така, во многу групи на социјалните мрежи се нудат слободни места во автомобилите и се посочува релацијата на која ќе се движат.
„Прочитав дека утре нема да има автобуси. Утре од 6:30 тргнувам од Лисиче и ќе возам кон Карпош. Во автомобилот имам четири слободни места. Доколку на некој му треба превоз во овој правец, нека ми пише каде да застанам да го соберам“,
вели една жителка на градот.
Друга жителка напиша:
„Чекав автобус два часа. Утре одам на работа со такси. Релацијата на која одам е од Поликниката во Ѓорче, до Центар. Контактирајте ме ако одите во ист правец“.
На Фејсбук кружат и објави со апел до граѓаните да се солидаризираат со патниците на кои им е потребен превоз.
„Утрово и во текот на денот ако проаѓате со кола покрај автобуска станица и забележите гужвa, застанете качете некое дете или пензионер префрлете ги до школо или болница. Да бидеме луѓе, да се чуваме“,
се вели во објавата што се споделува.
Од синдикатите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, во изјави за медиумите вчера информираа дека во Скопје сообраќаат само 25 автобуси, а останатите се паркирани во автобазите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ во Автокоманда и во Ѓорче Петров поради недостиг на гориво.
„Нафтата вообичаено ни ја доставува ‘Пуцко петрол’ во базите на ЈСП ‘Скопје’, но бидејќи должиме поголема сума на пари, деновиве не ни доставуваат нафта“,
изјави претседателот на Независниот синдикат на возачите на ЈСП „Скопје“, Африм Муча, кој вели дека состојбата е многу сериозна бидејќи 70 отсто од автобусите се паркирани.
Најави дека е можно денеска воопшто да не сообраќаат автобусите доколку не им се достави гориво.
Дека нема дистрибуција на нафта од „Пуцко петрол“ за градските автобуси поради голем долг потврди и Миќо Стојановски од Синдикатот на ЈСП при Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Причината за тоа, вели тој во изјава за МИА, е меѓусебниот однос меѓу градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, и Советот на Град Скопје и одлуките кои ги носат.
Град Скопје, пак, се огласи со писмено соопштение во кое одговорноста за кризата ја префрла на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека „станува збор за смислено сценарио за пропаѓање на претпријатието“.
Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика жителите в петок (22 ноември) да излезат на протест затоа што немаат редовни автобуски линии.
Најава за протест вчера дојде и од Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј од каде испратија ултиматум на ЈСП „Скопје“ и на скопската градоначалничка, Данела Арсовска дека ако до крајот на денонт не ги вратат во нормала автобуските линии, ќе излезат на протестот најавен за в петок.