На прашањето за неговиот став за можноста да го напушти МВР, Тошковски кратко одговори дека треба да работи на започнатите обврски

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ги коментираше шпекулациите за можна негова смена или префрлање на друга позиција во рамки на претстојната реконструкција на Владата.
На прашањето за неговиот став околу можноста да го напушти МВР, Тошковски кратко одговори дека треба да работи на започнатите обврски.
„Почнав премногу темелни проекти во изминатата година кои ќе треба да ги завршам во наредната година“,
изјави Тошковски.
Оваа изјава доаѓа во период кога се интензивираат шпекулациите во јавноста околу можни промени во владиниот кабинет.
Премиерот Христијан Мицкоски и денеска, како и вчера во интервју за „360 степени“, рече дека засега нема да има реконструкција на Владата.
Во интервјуто Мицкоски на прашањето дали ќе има промени кај министрите во редовите на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, рече оти засега ќе нема.
Според него, следната година на пролет може да има освежување во рамките на владата.
„Да, а после конгресот, после сите оние преструктуирања во рамките на партијата, напролет некаде очекувам да имаме и освежување во рамките на владата, прегрупирања, догрупирања, доекипирања, проширувања, стеснувања и во рамките на државните институции. Така што отприлика ова е тој гантограм на активности коишто во следниот период како претседател на Владата и доколку ја добијам довербата на делегатите на конгресот, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, нè очекува формирање на овој тим којшто потоа треба да го понесе и изнесе товарот до следните парламентарни избори“,
одговори Мицкоски.
Премиерот потврди и дека нема да има промени во министерската функција во ресорот здравство.
Инаку, вчера Мицкоски во Собрание ги испрати предлозите за нови министри од коалицискиот партнер ВЛЕН, а тоа се Мухамед Хоџа за министер за животна средина и просторно планирање и Беким Сали којшто ќе биде министер за европски прашања и потпретседател на Владата.
Премиерот очекува новите министри да работат посветено, чесно и за интересот на граѓаните.
Од Собранието рекоа дека предлогот за разрешување на министерот за европски прашања Орхан Муртезани, ќе биде ставен на наредната пленарна седница, додека, пак, за избор на нови министри нема пропишан рок во Деловникот и за тоа дополнително ќе се одлучи.
