„Сега не е моментот да давам политички изјави, но секако имам што да кажам за психотропните супстанци на одредени лица и за парите што така лесно ги имаат заработено во изминатиот период“, рече тој во гостување во емисијата во живо од Кочани
Утре ќе дадам коментар за одлуката на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) поради почит на денешниот ден и трагедијата во Кочани. Ова вечерва го изјави ексградоначалникот Петре Шилегов, во вечерашното гостување во живо од Кочани на 4ТВ, каде зборуваше во својство на бранител на еден од обвинетите во судскиот процес за „Пулс“, откако Извршниот одбор на СДСМ донесе одлука да иницира негово исклучување од членството на партијата.

Посочи дека во почит на денешниот ден и трагедијата во Кочани вечерва нема да дава политички изјави, најавувајќи дека утре ќе даде коментар за последнит партиски случувања.
„Сега не е моментот да давам политички изјави, но секако имам што да кажам за психотропните супстанци на одредени лица и за парите што така лесно ги имаат заработено во изминатиот период“,
рече тој.
Инаку, Шилегов беше градоначалник на Скопје, како и пратеник од редовите на СДСМ. Во партијата беше и потпретседател и член на Извршниот одбор.
Извршниот одбор на опозицискиот СДСМ денеска донесе одлука да иницира постапка за исклучување на Шилегов, од членството на партијата.
Ова следи откако тој вчера во гостување на „Тема на денот“ на ТВ Сител најави дека наскоро поголема група социјалдемократи ќе побара оставка од актуелното раководство, односно дека ќе излезат со одредена платформа која ќе побара сериозни реформи внатре во партијата.
За начините како ќе го изразат незадоволството, односно дали може да се очекуваат групации или фракции во партијата, рече дека процесот е активен, како и дека е поголем бројот на оние што не се согласуваат со тоа како се води СДСМ од страна на актуелното раководство.
