Од ДУИ и денеска го осудија корупцискиот скандал во Министерството за животна средина, посочувајќи дека и од страна на Државниот управен инспекторат е потврдена злоупотреба на службената должност на Меџити и на неговиот шеф на кабинетот
Со вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити имам исклучително непосредна и блиска соработка, а сите што имаат докази за обвинувањата од Демократската унија за интеграција (ДУИ) нека ми ги достават за да ги предадеме на органите што постапуваат. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како го коментира денешното соопштение на ДУИ во кое го обвинуваат Изет Меџити за корупција, процеси во кои, според партијата, е вклучен и неговиот шеф на кабинет.

„Сите што поседуваат докази за такво нешто кое го тврди ДУИ, ги повикувам, го знаат мојот број. Ако треба, ќе напуштам состанок за да ги предадеме на органите што треба да постапуваат. Во спротивно, морам да ги предупредам од ДУИ дека продолжуваат да сеат пердуви, да се занимаваат со магла. Магла што е оптоварена со зборот корупција, бидејќи тоа беше нивно второ име во минатото, во кое главен атрибут беше трговскиот центар ‘Соравија‘ во Скопје, автомобилите ‘ролс-ројс‘на сватовите, деловните простории на тогашниот потпретседател и шеф на кабинет на Ахмети. Можам цела прес-конференција да посветам за да ги редам нивните скандали“, рече Мицкоски.
Додаде дека има апсолутна доверба во работењето на Меџити.
Од ДУИ и денеска го осудија корупцискиот скандал во Министерството за животна средина, посочувајќи дека и од страна на Државниот управен инспекторат е потврдена злоупотреба на службената должност на Меџити и на неговиот шеф на кабинетот.
Оттаму посочија дека доверливи извори од Министерството за животна средина потврдуваат дека шефот на кабинетот на Меџити бил клучна фигура во шема на уцени и мито, вршејќи притисок врз компании и граѓани за секоја административна услуга.
„Од лиценци и еколошки дозволи до обични бирократски постапки, ништо не поминувало без негово одобрение и без коруптивните шеми водени од кабинетот на Меџети. Истите овие луѓе биле вклучени во слични корупциски шеми и во Општината Чаир, претворајќи ја во урбанистички кошмар за граѓаните“, се вели во соопштението од ДУИ.