Во преговорите за учество во која и да било идна влада, како што рече Башким Бакиу од коалицијата „Вреди“, услов ќе бидат усвојување на уставните измени и укинување на формулацијата „јазикот што го говори 20 отсто од населението“
Претставникот на „Европскиот фронт“, Крешник Бектеши, пак, повтори дека постои потпишан документ меѓу лидерите на партиите на Албанците (ги спомна Али Ахмети и Арбен Таравари) оти по изборите нема да коалицираат со политичка партија која нема да ги спроведе промените на Уставот
Освен кого од двајцата претседателски кандидати би поддржале во вториот круг од изборите, претставниците на коалицијата „Вреди“, Башким Бакиу, и на „Европскиот фронт“, Крешник Бектеши, во синоќешното издание на емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма ги кажаа и црвените линии, односно условите на своите коалиции околу нивно евентуално учество во новата влада по парламентарните избори на 8 мај.
Коалицијата „Вреди“, како што рече Бакиу, останува да го почека изборниот резултат на 8 мај и врз основа на тоа да преговара со кој и да го добие мандатот за формирање на новата влада. Во преговорите за учество во која и да било идна влада, како што рече, црвените линии на „Вреди“ ќе бидат усвојување на уставните измени и укинување на формулацијата „јазикот што го говори 20 отсто од населението“.

„Нормално е да постои и да има комуникација со сите политички субјекти коишто функционираат во државата и коишто се конкурентни. Во моментов сме фокусирани кон резултатите на 8 мај. Ќе го видиме резултатот, односно земјотресот на 8 мај и врз основа на тоа ќе преговараме со кој било што ќе биде мандатар. Врз основа на тоа, ние имаме свои граници, односно црвени линии коишто се однесуваат за учество во која било влада. Едната е да се укине формулацијата ’20 отсто’ за јазикот и уставните промени коишто во моментов се кочница за интеграција на земјата во Европската Унија“,
порача Башким Бакиу, шеф на изборниот штаб на претседателскиот кандидат на „Вреди“, Арбен Таравари.
Претставникот на „Европскиот фронт“, Крешник Бектеши, во оваа насока потсети за потпишаниот договор од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и Арбен Таравари од коалицијата „Вреди“ оти по изборите нема да коалицираат со политичка партија која нема да ги спроведе промените на Уставот.

„Постои таков документ кој е потпишан од Таравари и Ахмети дека овие политички партии што се потпишани во тој документ нема да направат никаква коалиција со политичка партија која нема да ги направи уставните измени такви какви што се моментално и нема да се направи со ниедна политичка партија која јавно искажува ставови против членството на нашата држава во ЕУ и е кочничар на европската интеграција на нашата држава“,
рече Бектеши.
Претставникот на „Европскиот фронт“ упати прашање до коалицијата на опозициските партии на Албанците дали изборот на претседателот на државата во Собранието е сè уште нивен услов за учество во влада.
„Кажа две црвени линии, не ја кажа третата, дали уште стојат на црвената линија дека треба да се избира претседател на државата во Собранието. Второ, дали пред формирање влада е црвена линија да се направат уставните измени. Третата најважна, што мене ми е мило во однос на ДУИ и ‘Европскиот фронт’, но ми е жал за ‘Вреди’, мене не ми е страв да зборувам за лошите политики на ВМРО-ДПМНЕ со кои ние не се согласуваме, и на СДСМ, и на ‘Вреди’ и граѓаните ќе оценат кој е во право. ДУИ, ‘Европскиот фронт’, има коалиција со граѓаните, ќе го почитува целосно тоа што ќе го кажат граѓаните преку изборните кутии на 8 мај“,
рече Бектеши.
Во емисијата „Топ тема“, Бектеши и Бакиу синоќа ги изнесоа и ставовите на коалицијата „Европскиот фронт“ предводена од ДУИ и „Вреди“ на опозициските партии на Албанците во врска со тоа кој од двајцата кандидати, Стево Пендаровски или Гордана Силјановска-Давкова, ќе го поддржат во вториот круг од претседателските избори.