Има жртви во пожарот, но не би можел да го кажам нивниот број, изјави пред малку вториот човек на Тетовската противпожарна единица, Сашо Трајчевски, за Алсат-М. Во продолжение го пренесуваме целиот разговор со новинарот на националната телевизија.
„Значи, во 21 часот и 2 минути е пријавено дека гори модуларната болница во медицинскиот центар во Тетово. Екипите, за 3-4 минути, нема повеќе, пристигнаа на самото место. Со околу 7 возила и над 30 пожарникари е учествувано од двете страни. Кога екипите пристигнаа, објектот беше целосно во пламен. Значи, тоа е внатрешно (почнато), не е надворешно значи. Сѐ што е од наша страна е употребено. Во 21 и 30 е локализиран пожарот. Во 21 и 45 е ликвидиран комплетно.
– Дали имаше жртви?
Да, да. Додека се гасеше пожарот, пламените јазици беа огромни, бидејќи болницата е модуларна, има пластика. Се вадеа и жртви додека се гасеше.
Отприлика колку жртви имаше?
Не можеме да знаеме. Не можеме, сѐ уште немаме евиденција колку се, што се.
– Дали е се исчистено, бидејќи гледаме уште се вадат…
Не, не. Мислам дека има уште една жртва онде што седи. Најверојатно е и почината. Се чека екипа. Значи, пожарот е ликвидиран моментално. Од наша страна е употребено сѐ.
– Од вашето искуство од што беше предизвикан пожарот?
Има служби што работат, кои треба да утврдат, ние не можеме да даваме такви информации.
Вечерва во Тетово пристигнаа премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче.
Доцна вечерва, по информацијата за пожарот во тетовскиот ковид-центар, од Владата соопштија дека е откажан настанот што требаше да се одржи утре по повод прогласувањето на Шар Планина за национален парк.