Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ рече дека на состанокот со премиерот Мицкоски се разговарало и за потенцијалните механизми за надминување на пречките во преговорите, но не сакаше да открие повеќе детали
Сметам дека има можност да направиме нешто – рече високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас на денешната прес-конференција во Скопје прашана дали и кои се механизмите на Брисел за конечна деблокада на интеграцијата на С Македонија во ЕУ.
Европската претставничка рече дека на состанокот со премиерот Христијан Мицкоски се разговарало и за потенцијалните механизми за надминување на пречките во преговорите, но не сакаше да открие повеќе детали.

„Секако, премиерот може подобро да ги објасни своите идеи, но сметам дека има простор каде што ќе можеме да направиме нешто. Не би навлегувала во детали. Доколку има напредок, тогаш ќе го објавиме во јавноста“,
рече Калас.
На прашањето зошто за евроинтеграцискиот пат на земјава нема план „Б“, како што е случај со Украина, за која Европската Унија најави дека постои и план „Ц“ за пристапување во Унијата, Калас рече:
„Ние се фокусираме на плаот ‘А’ и се обидуваме тој да профункционира затоа што кога се префрлате кон план ‘Б’ тогаш планот ‘А’ излегува од игра. Можеби звучам како да зборувам во шифри, но сакам да ви кажам дека се уште се надевам дека планот ‘А’ ќе профункционира и ќе биде успешен. Работиме на тоа. Доколку не, тогаш ќе поминеме кон следната фаза.“
На заедничката прес-конференција со македонскиот премиер, Калас рече дека С Македонија знае подобро од кого било дека патот до членството во ЕУ не е лесен и додаде дека Унијата уште повеќе ќе ја поддржи земјава во поглед на владеењето на правото, борбата против корупцијата или модернизирање на јавната администрација.
„Пораката која ја испраќам денес е да останете на истиот правец и да ги преземете чекорите потребни за отворање на пристапните преговори. Знаеме дека напредокот може да биде брз ако за тоа постои политичка волја. Албанија и Црна Гора се добар пример за ова. Секако, Северна Македонија се соочува со носење избор за своите граѓани и за иднината. Веруваме дека интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е најдобриот рецепт за мир и безбедност во целиот регион. Затоа ајде да се придвижиме заедно и тука сакам да ве уверам дека ЕУ останува покрај вас“,
порача Калас.
Високата претставничка на ЕУ како важно го посочи усогласувањето на земјава со надворешната и безбедносната политика на Унијата и ги истакна направените напори во врска со реформската реформа.