Откако невладиниот сектор алармираше дека голем дел од жителите во Шуто Оризари се оставени без матичен лекар, бидејќи во поликлиниката во оваа населба дел од кадарот се пензионирал, а нема замена, со реакција излезе Министерството за здравство.
Во соопштение до јавноста, од Министерството за здравство велат дека проблем е што на јавните огласи за издавање на ординации по општа медицина за матични лекар во Шуто Оризари, не се пријавувал никој. Од Министерството велат дека нема друго решение, освен ако и на овој, седми оглас не се пријави никој, да се распише нов.
„За Поликлиниката во населбата Шуто Оризари, која работи во склоп на Здравствениот дом Скопје, за период од пет години почнувајќи од 2015 па се до 2020 година, има распишано шест огласи за издавање на ординации по општа медицина за матични лекар. На ниту еден оглас до сега се нема пријавено лекар за работа. Во моментов во тек е седми оглас за кој јавното надавање ќе биде на 7 април. Инаку, Поликлиниката во склоп на Здравствениот дом Шуто Оризари има четири приватни здравствени установи и тоа ординации по општа медицина, кои во моментов се слободни поради пензионирање на матични лекари. Доколку и на овој седми оглас по ред, нема да се пријават невработените матични лекари, Здравствен Дом Скопје како давател на простор за вршење здравствена дејност и понатаму ќе нема избор туку да продолжи да го објавува огласот за издавање на просторот, се со цел да се јават лекари кои би работеле во овие ординации за да може да се пружи адекватна здравствена услуга и да се унапреди здравствениот статус на граѓаните од оваа општина“,
се вели во соопштението.
За проблемот за немањето матичен гинеколог пак, од Министерството за здравство уверуваат дека наскоро ќе почне со работа нова гинеколошка ординација.
„Во 2017 година беше отворена и ординацијата по гинекологија, но истата после година и половина беше затворена затоа што докторката го раскина договорот за закуп со Здравствениот дом Скопје. Бо моментов, Министерството за здравство опремува нова гинеколошка ординација, која наскоро ќе почне со работа. Исто така за потребите на Поликлиника Шуто Оризари, ЈЗУ Здравствен дом на Скопје со финансиски средстсва донирани од Амбасадата на Република Кина, спроведе две постапки за јавна набавка преку ЕСЈН, кои завршија со склучување на неколку договори кои се во фаза на изведба. Се работи за реконструкција на кровот на поликлиниката како и за договор за набавка на медицински мебел и опрема за РТГ кабинет. Со опремување на кабинетот за рентген пациентите нема да се испраќаат непотребно за снимање на терциерно ниво. Во месец Јануари добиена е и донацијата од амбасадата на Сојузна Република Германија во вредност од еден милион денари за набавка на ЛЗО која тековно ќе се доставува согласно потребите. Здравствен Дом Скопје во сите свои служби во актуелната состојба во која се наоѓаме, тековно се доекипира и мобилизира согласно потребите во услови на пандемија. Министерството за здравство секогаш максимално се залагало и ќе продолжи да се залага за тоа секој пациент во оваа општина да ја добие потребната здравствена услуга“,
се вели во соопштението.