На прашањето дали е утврден случај на дивоградба во Чаир, она што изминатиот период е актуелно и кое скопската градоначалничка Данела Арсовска постојано го прзентира во јавноста, Тошковски изјави дека нема конкретни информации за тој случај, но увери дека се постапува и дека резултатите ќе бидат видливи наскоро

Министерството активно работи на утврдување случаи на дивоградби, најави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ветувајќи дека резултатите од овие постапки ќе бидат видливи во скоро време.
Тој потврди дека постои наредба од јавен обвинител, по која МВР веќе постапува.
„Во однос на тоа дали има наредба од страна на јавен обвинител, да, има и постапуваме. Ве уверувам дека како за сите предмети за кои се постапувало под ова раководство, така и во иднина нема да оставиме под знак прашалник ниту еден конкретен предмет во интерес на јавноста. Во однос на сите ќе постапуваме така како што ѝ прилега на една европска земја. За разлика од тие претходно, не сме Европејци само декларативно, тоа го покажуваме со дела“,
рече Тошковски.
На прес-конференција во Владата, посветена на резултатите од првата година од неговиот мандат, Тошковски истакна дека, за разлика од претходно, сега има неселективна и бескомпромисна борба против секој што се огрешил пред законот.
„За разлика од претходно, сега МВР покажува дека можело да има неселективна и бескомпромисна борба спрема секој еден кој ќе се огреши пред законот. Го покажавме тоа со постапувањето против врховни судии, член на обезбедување на премиер, актуелни директори, министри, директори на институции коишто злоупотребувале буџет, актуелни, поранешни, и градоначалници“,
рече Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.
На прашањето дали е утврден случај на дивоградба во Чаир, она што изминатиот период е актуелно и кое скопската градоначалничка Данела Арсовска постојано го прзентира во јавноста, Тошковски изјави дека нема конкретни информации за тој случај, но увери дека се постапува и дека резултатите ќе бидат видливи наскоро.
Инаку, градоначалничката Арсовска на 29. минатиот месец објави дека Обвинителството ја почнало постапката по првата пријава за фалсификати поврзани со градби во Општина Чаир.
Истрагата се однесува на сомневања за фалсификување документи и незаконска легализација, а се поврзува со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу.
Арсовска рече дека во ОЈО веќе се водат уште две постапки претходно започнати за градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, од кои првата за фасификување на целата архивска книга со броеви и барања за легализации, а втората за уште еден случај со уште еден соучесник.
Пред повеќе од еден месец, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ги достави сите релевантни докази што ги поседува во врска со дивоградбите во Чаир.
Претходно, Обвинителството ја повика да соработува и да поднесе конкретни пријави за дивоградбите, по кои ќе може да се постапува и да се спречи евентуално компромитирање на доказите.
Арсовска во мај изврши обиколка на неколку локации низ Општина Чаир каде што се извршуваат градежни активности, за кои таа обвини дека се дивоградби.
Ги повика на реакција надлежните институции и нагласи дека Град Скопје нема да дозволи да се шири урбанистички криминал со молк на институциите.