Според медиумските извештаи, единствениот засега преживеан патник во несреќата е идентификуван како 40-годишниот Вишваш Кумар Рамеш, британски државјанин со индиско потекло, кој живее во Лондон, а во Ахмедабад бил да го посети семејството
„Кога станав, имаше тела околу мене. Бев исплашен. Станав и истрчав. Имаше парчиња од авионот околу мене. Некој ме зграпчи, ме стави во амбулантно возило и ме однесе во болница“, изјавил тој за весникот „Хиндустан тајмс“ од болницата каде се наоѓа на лекување
Најмалку еден патник го преживеал падот на авионот на „Ер Индија“, кој се урна веднаш по полетување од аеродромот во идинскиот град Ахмедабад и удри во зграда на лекарски дом, лоцирана во непосредна близина, јавуваат светските медиуми.

Информацијата дека во авионската несреќа има барем еден преживеан патник ја соопштила полицијата во Ахмедабад, чија висока службеничка Види Чаудри, изјавила дека преживеаниот бил на седиштето 11А во авионот, пренесе Ројтерс.
Според нејзината изјава, можно е да има повеќе преживеани меѓу луѓето во болницата во која удрил авионот.
Според медиумските извештаи, единствениот засега преживеан патник во несреќата е идентификуван како 40-годишниот Вишваш Кумар Рамеш, британски државјанин со индиско потекло, кој живее во Лондон, а во Ахмедабад бил да го посети семејството.
Тој од болницата каде што е згрижен дал изјава за индискиот весник „Хиндустан тајмс“ во која навел дека во Лондон живеел во последните 20 години и дека во Индија патувал со својот брат, кој, исто така, бил во авионот.
Рамеш во изјавата опишал што се случувало веднаш по полетувањето на авионот, наведувајќи дека сè се случило за 30 секунди.
„Триесет секунди по полетувањето, се слушна гласен шум, а потоа авионот се урна. Сè се случи толку брзо.“,
рекол тој за „Хиндустан тајмс“, кој на интернет објави карта за качување во авионот за седиштето 11А со тоа име.
Раскажал и што доживеал по падот на авионот.
„Кога станав, имаше тела околу мене. Бев исплашен. Станав и истрчав. Имаше парчиња од авионот околу мене. Некој ме зграпчи, ме стави во амбулантно возило и ме однесе во болница“,
рекол тој.
Неговиот брат Аџај, како што навел Рамеш, седел во друг ред во авионот и не знае што се случило со него.
„Тој патуваше со мене и повеќе не можам да го најдам. Ве молам помогнете ми да го најдам“,
рекол тој.
Претходно, полицискиот комесар на полицијата во Ахмедабад, Гјанендра Синг Малик, за Асошиејтед прес (АП) изјави дека стравувањата се оти нема преживеани од авионската несреќа.
Во изјава за индиската новинска агенција АНИ (ANI) Малик, подоцна, исто така, потврдил дека има преживеан од летот на „Боингот 787-8“, чија крајна дестинација требало да биде аеродромот „Гетвик“ во Лондон.
Во меѓувреме, Ројтерс објави дека бројот на загинати во несреќата се искачил на 290 лица.
Инаку, според извештаите во авионот на „Ер Индија“ имало 169 индиски државјани, 53 британски, седум португалски државјани и еден Канаѓанец.
Според извештајот на Индиската федерација на медицински здруженија на Индија, околу 50 до 60 студенти кои студираат медицина се однесени во болница откако авионот на „Ер Индија“ се урна во лекарскиот дом. Пет студенти се водат за исчезнати, а најмалку двајца се на одделение за интензивна нега.

Во меѓувреме, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами соопшти дека се организрани кризни тимови во Индија и во Велика Британија.
„Знаеме дека британски државјани биле на авионот и можам да потврдам дека FCDO (Канцеларија за надворешни работи, Комонвелт и развој) итно работи со локалните власти за поддршка на британските државјани и нивните семејства и формираше кризен тим и во Делхи и во Лондон“,
рекол Леми во обраќање во Долниот до на британскиот парламент.