Судија на претходна постапка го прифатил предлогот на јавниот обвинител и на двете осомничени лица им е определена мерка притвор за нехуман и понижувачки третман на стари лица

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, сопственички и овластени лица на две приватни установи за социјална заштита на стари лица. Тие се осомничени за продолжена злоупотреба на службената положба и овластување и малтретирање во вршење на службата.
Обвинителството тврди дека двете осомничени, во период од 2022 година до денес, работеле спротивно на Законот за социјална заштита и тешко ги повредиле правата на згрижените лица со цел да прибават имотна корист.
При извршени претреси и инспекциски надзор во домовите, од кои едниот на улица „Рудо“ во Бутел и другиот на улицата „Козара“ во Центар, биле констатирани низа неправилности.
Во домот во Бутел, се наведува во соопштението од Обвинителството, биле сместени 27 корисници наместо дозволените 21, а во домот во Центар биле сместени 33 корисници наместо дозволените 17. Утврдено е дека осомничените вршеле физичко и психичко насилство и ги изложувале корисниците на „сурово, нечовечко и понижувачко однесување“.
Корисниците, како што додаваат од ОЈО, спиеле на троседи или по две лица во еден кревет, а спротивно на правилата, во собите биле сместувани машки и женски лица заедно. На корисниците им биле служени оброци со производи со изминат рок, за што се земени и мостри.
Во домовите немало обезбедено соодветен број стручни кадри, а дел од корисниците биле постојано заклучувани во посебни простории или им била давана терапија со лекови кои не биле препишани од лекар.
Според Обвинителството, за услугата која не ги исполнувала стандардите, од семејствата на корисниците се наплаќал значителен износ. Двата објекти месечно остварувале вкупна имотна корист од 2 232 000 денари.
Јавен обвинител наредил лекарски преглед на сите згрижени лица од стручни лица од Институтот за судска медицина. Двете установи се затворени, а за корисниците е обезбедено соодветно сместување во координација на надлежните државни органи.
Исто така, сопственичките неуредно ја воделе пропишаната евиденција за корисници на социјална услуга, не поседувале досие со стручна документација за сите корисници, не воделе евиденции за одржување на личната хигиена на корисниците, немале вработено соодветен број стручни кадри во смена, а имале вработено лица без соодветна документација за вработување.
Во описот од Обвинителството се вели дека во установите немале обезбедено четири дневни оброци со соодветна спецификација за дистрибуираните оброци, како што налагале правилата за нивно работење.
Судија на претходна постапка го прифатил предлогот на јавниот обвинител и на двете осомничени лица им е определена мерка притвор за нехуман и понижувачки третман на стари лица.