Додека Трамп се подготвува да се справи со конфликтите во Украина и на Блискиот Исток, Маск, најбогатиот човек на светот, помага во разговорите со странските претставници. Според „Гардијан“, со инаугурацијата на Трамп во јануари, Маск треба да стане највлијателниот цивил во Америка
Илон Маск во понеделникот се сретнал со иранскиот амбасадор во Обединетите нации. Состанокот, според американските медиуми, се случил еден ден пред Доналд Трамп да го назначи мултимилијардерот и основач на „Спејс икс“ за еден од раководителите на новоформираното Министерство за владина ефикасност.
Двајца ирански функционери потврдиле за „Њујорк тајмс“ дека на состанокот се разговарало за тоа како да се намалат тензиите меѓу Иран и САД. Едно од иранските официјални лица рекло дека извршниот директор на „Тесла“ го побарал состанокот, а дека амбасадорот го избрал местото на одржување.
Маск и амбасадорот се состанале повеќе од еден час на тајна локација додава „Њујорк тајмс“. Ниту тимот на Трамп ниту мисијата на Иран во ОН не ја потврдиле средбата.
Додека Трамп се подготвува да се справи со конфликтите во Украина и на Блискиот Исток, Маск, најбогатиот човек на светот, помага во разговорите со странските претставници. Според „Гардијан“, со инаугурацијата на Трамп во јануари, Маск треба да стане највлијателниот цивил во Америка.
Претходно овој месец, Маск, наводно, се вклучил во телефонски разговор меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој му се заблагодарил на Маск за сателитите што ѝ ги дал на Украина преку неговата компанија „Старлинк“.
„Сега тој се занимава со Иранците“,
вели за Маск Сина Тоса, висока соработничка во Центарот за меѓународна политика.
И додава:
„А Иранците не се вклучиле во директни разговори со Американците откако Трамп го напушти нуклеарниот договор, така што ова може да биде многу голема работа.“
Односот на Трамп со Иран е во најмала рака предизвик. За време на неговото претседателствување, тој одлучи дека САД ќе се повлечат од иранскиот нуклеарен договор, воспоставен во 2015 година за време на мандатот на Барак Обама, и повторно воведе строги економски санкции кон Иран.
Исто така, за време на неговото претседателствување, Трамп нареди американски напад во кој беше убиен генерал-мајор Касим Сулејмани, командант на елитниот корпус на Исламската револуционерна гарда во јануари 2020 година. Во септември разузнавачките информации доставени до изборниот штаб на Трамп открија дека Иран се обидувал да го убие.
