Маск вчера се обрати на „Икс“ каде ги праша своите следачи дали на САД и е потребна нова партија, по што денеска и официјално ја обзнани

Откако најавуваше формирање на нова политичка партија во САД, доскорешниот соработник на претседателот Доналд Трамп, милијардерот Илон Маск објави дека ја формирал „Партија Америка“.
Маск вчера се обрати на „Икс“ каде ги праша своите следачи дали на САД и е потребна нова партија, по што денеска и официјално ја обзнани.
„Вие сакате нова политичка партија и ја добивате. Денеска „Партија Америка“ (America Party) е формирана за да ви ја врати слободата“,
објави Маск.
Соопштението од Маск доаѓа откако претседателот Доналд Трамп во петокот потпиша закон за намалување на даноците и трошењето, на што милијардерот, извршен директор на „Тесла“, жестоко се спротивстави.
Маск потроши стотици милиони долари за реизборот на Трамп и го водеше Одделот за владина ефикасност под администрацијата на Трамп, со цел намалување на владините трошоци, но двајцата оттогаш се скараа поради несогласувања околу законот.
Трамп претходно оваа недела се закани дека ќе ги прекине милијардите долари субвенции што компаниите на Маск ги добиваат од федералната влада.
Републиканците изразија загриженост дека постојаната расправија на Маск со Трамп би можела да им ги наруши шансите да го заштитат мнозинството на среднорочните конгресни избори во 2026 година.