Во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците денеска треба да почне амандманската расправа за предлог-измените на Изборниот законик, кои предвидуваат една изборна единица и отворени листи.
За двата предлог-закона на помалите партии ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ имаат поднесено илјадници амандмани, поради што, како што изјави претседателот на комисијата Александар Кирацовски, не се очекува расправата да заврши пред распуштањето на Собранието на 11 февруари.
Согласно собранискиот Деловник, со оглед на тоа што станува збор за предлог-закони што не се со европско знаменце, расправата на членовите на Комисијата не може да се ограничи.
Кирацовски рече дека до вчера за отворените листи и родовата застапеност архивирани се 1.544 амандмани, додека за една изборна единица 2.190 амандмани. На 2.165 амандмани, кои се поднесени изминатите два дена, службите работат дополнително.
Пратеничката група на ДУИ ги образложува илјадниците поднесени амандмани со забелешката дека процесот за измени на Изборниот законик се води еднострано и оти менување на правилата на игра пред избори е опасен преседан со кој би се соочила политичката сцена во земјава. Сметаат дека изборните правила на игра мора да се донесат консензуално во согласност со сите политички партии.
Ист е ставот и во ВМРО-ДПМНЕ.
„Не може нов Изборен законик да се носи без согласност на најголемите релевантни политички партии и да се носи еден или два месеца пред избори. Без разлика колку сегашниот или можниот иден изборен модел може да бидат подобри или помалку добри од она што денес го имаме како изборна пракса“, велат од опозициската партија.
СДСМ поддржува измени со кои се предвидуваат една изборна единица и отворени листи и бара од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да ги повлечат амандманите и да се отвори дебата.
Поднесувањето голем број амандмани го оценуваат како обид на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за блокирање на процесот. Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ, според СДСМ, испраќаат нечесна и недржавничка порака, а оние на владиниот колаициски партнер ДУИ се сериозна причина за размислувања кои социјалдемократите ќе ги отворат.
Според предлагачите за една изборна единица и отворени листи, актуелната поделба на шест изборни единици е пречка за фер изборен натпревар зашто ги фаворизира големите политички партии на сметка на помалите и на евентуалните независни листи. Помалите партии сметаат дека воведувањето една изборна единица без изборен праг и отворени листи ќе обезбеди политички плурализам и демократизација.