Според сведоштвата што ги пренесуваат светските медиуми, луѓето го напуштале Картум со автомобили и пеш, додека во градот одекнувале истрели и експлозии. Повеќе земји прават проценки и планови за евакуација на нивните државјани кои се наоѓаат во Судан поради интензивираните борби меѓу војската и паравоените сили
Илјадници цивили го напуштаат главниот град на Судан, а странските држави се обидуваат да ги евакуираат своите граѓани поради жестоките борби меѓу суданската армија и паравоените сили за брза поддршка (РСФ) кои беснеат веќе петти ден.
Според сведоштвата што ги пренесуваат светските медиуми, луѓето го напуштале Картум со автомобили и пеш, додека во градот одекнувале истрели и експлозии.
Егзодусот уследи откако договорот за примирје на кој вчера се согласија завојуваните фракции, по одделните средби со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, пропадна.
Паравоените сили за брза поддршка (РСФ), предводени од генералот Мохамед Хамдан Дагало, познат како Хемедти, во средата предложија нов прекин на огнот. Иако армијата на Судан, на чие чело е генералот Абдел Фатах ал-Бурхан, соопшти дека ќе се придржува до прекинот на огнот, пукотниците продолжуваат низ главниот град на земјата.
Како што пишува Би-би-си, чад можел да се забележи над штабот на армијата во центарот на Картум, каде што се водат најголем дел од борбите меѓу завојуваните страни.
Во сведоштвата кои ги пренесуваат светските медиуми, тешко вооружени борци на РСФ патролирале низ градот со камиони, додека воени авиони лојални на армијата извршиле напади врз цели за кои се верува дека ги држат паравоените сили.
Поради недостатокот на гориво и јавен превоз, голем број од луѓето кои биле принудени да го напуштат градот, тоа морале да го направат пеш додека други со камиони се обиделе да стигнат до централен и западен Судан, каде што живеат нивните семејства.
Жител на Картум кој бегал од главниот град, за Би-би-си вели дека РСФ поставила контролни пунктови на патиштата низ градот и дека бил ограбен од припадници на паравоената единица, кои му ги зеле телефонот и парите.
Грабежи биле пријавени и во делови на Картум. Вчера жители на областа Картум 2 за Би-би-си изјавиле дека милицијата на РСФ одела од куќа до куќа барајќи вода и храна.
Како што борбите се интензивираат, голем број земји велат дека започнале со подготовки за евакуација на своите граѓани од Судан.
Јапонија соопшти дека нејзините сили за самоодбрана размислуваат како да евакуираат околу 60 јапонски државјани од Судан, поради што воен авион бил во состојба на готовс.
Министерот за надворешни работи на Танзанија, Стергомена Такс, во парламентот на земјата рекол дека се прават проценки како да се евакуираат 210 нејзини државјани кои се наоѓаат во Судан.
Сепак, американската амбасада во Картум соопшти дека нема планови за евакуација координирана од владата на САД, поради неизвесната безбедносна ситуација.
Засега нема прецизни информации за бројот на загинати во судирите, но според соопштението на Централниот комитет на суданските лекари, објавено вчера, најмалку 174 цивили биле убиени во насилствата.
Во заедничката изјава објавена во средата, САД, ЕУ, Велика Британија и 12 други земји соопштија дека бројот на загинати достигнал 270 лица.
Сепак, според експертите, вистинската бројка може да биде многу поголема бидејќи многу од ранетите не можат да стигнат до болниците кои наводно биле гранатирани.
Норвешкиот совет за бегалци, хуманитарна група која им помага на лицата раселени од конфликтот, соопштил дека целата хуманитарна работа во Судан е парализирана и дека е невозможно да се обезбеди помош на терен во услови на толку тешки борби.