Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини демократите за започнатите масовни отпуштања во федералните агенции, тврдејќи дека потегот е последица на политичкиот застој околу буџетското финансирање
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп започна со масовни отпуштања на федерални службеници – лица вработени во државните органи со оправдување дека ваквиот потег следува по политичкиот застој околу буџетското финансирање. Отпуштања се спроведуваат во Министерството за финансии, Министерството за трговија, здравствениот систем, даночната управа, Министерството за образование, како и во Одделот за кибернетичка безбедност при Министерството за домашна безбедност, потврдија нивните портпароли. Засега не е познат точниот број на засегнатите вработени.

Според првичните планови, околу 300 000 федерални службеници требаше да ги напуштат своите работни места во текот на оваа година, како дел од иницијативата на Трамп за намалување на администрацијата.
„Тие го започнаа ова“,
порача американскиот претседател Трамп.
Според пишувањата на „Њујорк тајмс“, последниот бран отпуштања ја погодил и Агенцијата за контрола и превенција на болести, каде биле отпуштени високорангирани научници и цела канцеларија во Вашингтон. Засегнатите работници добиле известувања по електронска пошта во кои било наведено дека нивните работни места се непотребни или, пак, дека се преклопуваат со други позиции. Администрацијата на Трамп отпуштањата ги припиша на застојот за буџетско финансирање, оти иако републиканците имаат мнозинство, за усвојување на буџетот се потребни и гласовите на демократите во Сенатот. Тие, пак, не го гласаа буџетот, оти бараат продолжување на субвенциите за здравствено осигурување, предупредувајќи дека без нив ќе се зголемат трошоците за милиони Американци кои имаат полиса преку Законот за пристапна здравствена заштита.
„Ова не е борба само за администрацијата, туку за пристапна здравствена заштита за милиони граѓани“,
изјави една сенаторка од Демократската партија.
Дел од федералните институции веќе десет дена се без финансирање, а Трамп најавува нови мерки, меѓу кои и замрзнување на 28 милијарди долари инфраструктурни средства за државите Њујорк, Калифорнија и Илиноис, региони каде што доминираат демократски гласачи и критичари на неговата администрација.