Илјадници македонски државјани денеска и утре се ревакцинираат во соседна Србија. Најголем дел од нив ја примија првата доза вакцина кон крајот на месец март и добија термини за ревакцина по 12 недели со вакцината на „Астра Зенека“.
Станува збор за лица помлади од 60 години кои немаа можност да се ревакцинираат во државава со „Астра Зенека“, додека оние граѓани кои се вакцинираа во странство со вакцините на „Фајзер“, „Синофарм“ и „Спутник“ можеа да добијат термин за ревакцина во земјава.
Според информации од АМСМ утринава се чека од 30-40 минути за излез од државата на граничниот премин „Табановце“, а километарски колони возила имаше и во текот на вчерашниот ден.
Иако на почетокот на месецов министерот за здравство Венко Филипче најави дека со колегите од Србија договораат посебни вакцинални пунктови блиску до граница за ревакцинација на македонските државјани, српските здравствени власти вчера соопштија дека граѓаните ќе треба да се ревакцинираат на истото место каде што ја примиле и првата доза.
„Сите оние кои прв пат се вакцинираа во Белград, ќе мора на ревакцинација да дојдат во Белград. Така ни е речено од Белград и ние тоа мора да го почитуваме. Знам дека на Македонците полесно им е втората доза да ја примат во Ниш, но од Министерството ни објаснија дека постојат технички проблем тоа да се реализира. Сите кои во Ниш ја примиле првата доза ќе можат да ја примат и втората доза, нека не се грижат, во Ниш веќе се набавени и има вкупно 6.500 дози на „Астра Зенека“ за македонските граѓани“
изјави за „Нишке вести“ директорот на Здравствениот дом во Ниш, Милорад Јеркан.
Директорот на пунктот за вакцинација на Белградскиот саем, Зоран Бекиќ изјави дека 13.000 граѓани од регионот и Европа биле поканети во сабота и недела да се ревакцинираат кај нив, бидејќи, како што кажа, поминаа 12 недели од првата доза.
„Ние сме добро подготвени за овој викенд. Во сабота очекуваме 8.000 граѓани од регионот и Европа, а во недела 5.000 и сите ќе бидат ревакцинирани на Белградскиот саем,“
изјави Бекиќ за ТВ К1.