Протестите продолжија и покрај тоа што израелскиот премиер на 27 март најави дека процесот на дискусии за носење на спорниот план за реформа во правосудството ќе биде ставен во мирување во периодот до 30 април, кога Кнесетот (парламентот на Израел) ќе биде на пауза поради празникот Пасха
Десетици илјади демонстранти вчера излегоа на улиците на Тел Авив и во други градови во Израел, повторно изразувајќи го своето противење на екстремно десничарската влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху и нејзиниот план за реформа во правосудството, за кој велат дека е напад на демократијата.

Протестите продолжија и покрај тоа што Нетанјаху на 27 март најави дека процесот на дискусии за носење на спорниот план за реформа во правосудството ќе биде ставен во мирување во периодот до 30 април, кога Кнесетот (парламентот на Израел) ќе биде на пауза поради празникот Пасха.
Сепак, демонстрантите и натаму продолжија да протестираат, барајќи целосно укинување на планот.
Вчерашните демонстрации доаѓаат пред уште еден масовен протест, најавен за денеска, кој треба да се совпадне со говорот на Нетанјаху на генералното собрание на Еврејските федерации од Северна Америка.
Предлог-реформите во правосудството беа објавени од израелската влада во јануари годинава, тврдејќи дека тие се потребни за да се врати рамнотежата меѓу извршната и судската власт. Реформите ќе ѝ дадат на владата влијание во изборот на судии и ќе ја ограничат моќта на Врховниот суд да ги укинува законите.
Противниците на законските измени велат дека владејачката коалиција – најдесничарската во историјата на Израел – се обидува да ја уништи поделбата на власта во Израел, ставајќи ја земјата на авторитарен пат. Администрацијата на израелскиот премиер, пак, вели дека реформите се неопходни.