Еден од помасновните протести против расната дискриминација се случи вчера во Вашингтон пред Белата куќа. Илјадници граѓани го кренаа својот глас против расизмот и полициското насилство во САД.
Полицијата очекуваше протестот да прерасне во еден од најмасовните што се случиле во Вашингтон во изминативе години. Центарот на градот беше блокиран за автомобилите – од полиција и преставници на Националната гарда.
Протестите, кои деновиве се одвиваат во повеќе градови во САД, се организирани од движењето „Црниот живот има важност“ (Black Lives Matter).

Иако на почетокот беа насилни, проследени со хулиганизам и уништување на приватна сопственост, во изминативе денови собирите се мирни и се одвиваат во карневалска атмосфера – се пеат песни, се извикуваат пароли: „Вака изгледа демократијата“, или „Не можам да дишам“, последната реченица во животот на афроамериканецот Џорџ Флојд, убиен од полицајците во Минеаполис.
„Во многу делови на САД денеска, за бројни припадници од ‘црната’ популација е небезбедно да се излезе од дома. Не поради тоа што можат да бидат нападнати од други, туку, пред се, заради закана токму од полицијата“, изјави за МИА учесник во синоќешните протести во Вашингтон.
Тој смета дека и толку масовни протести тешко можат да донесат промени, доколку нема поддршка од власта но, смета дека денешната власт не е функционална.
Дописникот на МИА од Вашингтон пристигна на главното место на протестите пред паркот Лафајет кај Белата куќа околу 14 часот и таму веќе имаше околу 3.000 демонстранти.
Низ градот се оддржаа маршеви, при што учесниците скандираа „Рацете горе, не стрелајте“, „Ние одиме за надеж а не за омраза“ и „Не можам да дишам“.
Организаторите на протестот во Вашингтон вчера на жешкото и влажно време раздаваа освежителни пијалоци и храна за учесниците во маршевите.
Џорџ Флојд (46) почина на 25 мај во Минеаполис, откако полицаец го приклешти неговиот врат со колено и легнат со лисици на рацете го држеше во таква положба речиси девет миниту. Убиството поттикна гневни демонстрации во многу големи градови и мали места низ САД против расизмот и безилосното поведение на полицијата кон малцинските групи.
Синоќа протести имаше во најголемите градови на САД како Њујорк, Сан Франциско и Лос Анџелес. Излезените во Сан Франциско маршираа по мостот „Голден гејт“, река од луѓе пак маршираше и во тунелот во Лос Анџелес. Демонстрации инспирирани од случувањата во САД се одвиваат и низ целиот свет.
Едно од барањата е кратење на парите за финансирање на полицијата.