„За скандалозните помилувања мора да има одговорност и од Сиљановска и од нарачателите“, рече Илиевски
Очигледно власта мисли дека комисијата треба да биде жртвено јагне за да се спаси Сиљановска и нарачателите на овие скандалозни помилувања, обвинија од СДСМ на денешната прес-конференција. Претседателката Сиљновска ги дава и одлучува за помилувањата, не Комисијата и целосната одговорноста е кај неа, кажа Менде Илиевски од СДСМ.

„За скандалозните помилувања мора да има одговорност и за Сиљановска и за нарачателите. Во април 2023 година унгарската претседателка Каталин Новак си поднесе оставка поради скандал со помилување на едно лице. Сиљановска помилуваше и наркобос и осудени криминалци, вмешани во шпионски афери. Нели Унгарија и Орбан се моделот кој го следи Христијан Мицкоски? Еве по примерот на Унгарија нека се одважи Сиљановска и нека понесе одговорност, нека си даде оставка“,
посочи Илиевски.
Вчера шестчлената Комисија за помилување поднесе колективна оставка. Одлуката ја соопшти на Фејсбук професорот Гордан Калајџиев, кој во образложението наведе дека ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи.
„Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи. Со почит, проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири“,
напиша Калајџиев.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прифати оставката и најави дека ќе следуваат консултации за новиот состав, како и за измени во системот на помилување.
„Претседателката Сиљановска-Давкова ја прифати оставката поднесена од проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири. Во следниот период претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе изврши консултации за новиот состав на комисијата, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица“,
соопштија од кабинетот на претседателката.