Фотографијата која кружи низ социјалните медиуми е направена во угостителски објект во Охрид, а на неа се гледа експретседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, во друштво на градоначалникот на Охрид од ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Саше Донев, и Јован Мирчески – газда на „Пупе компани“, поранешен член на СДСМ, па предводник на „Охрид пред сè“, кој во меѓувреме со неговите поддржувачи од Охрид премина во ЗНАМ
Покрај оваа, на социјалните медиуми се појави и фотографија на која Црвенковски е во друштво на носителката на листата на советници на ЗНАМ во Охрид, Марина Ѓоргоска
„Или си СДСМ или не си“. Вака лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, ја прокоментира фотографијата која се појави на социјалните мрежи, а на која, експретседателот на СДСМ, Бранко Црвенковски, е во друштво на градоначалникот на Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков.
Фотографијата е направена во угостителски објект во Охрид, а покрај Пецаков, на масата заедно со Црвенковски седат и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Саше Донев, и Јован Мирчески – газда на „Пупе компани“, поранешен член на СДСМ, кој во меѓувреме со неговите поддржувачи од Охрид премина во ЗНАМ. Членот на Советот на Општина Охрид од редовите на ЗНАМ (претходно „Охрид пред сè“) е дел од мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ во охридскиот совет.

Филипче на денешната прес-конференција даде кус коментар на фотографијата, цитирајќи ја изјавата на Црвенковски од периодот на неговото претседателствување со партијата – „Или си СДСМ или не си СДСМ“.
„Во однос на фотографијата којашто излезе на социјалните медиуми од поранешниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски, јас можам само да го цитирам – ‘Или си СДСМ или не си’“,
рече Филипче.
Покрај оваа, на социјалните медиуми се појави и фотографија на која Црвенковски е во друштво на носителката на листата за советници на Движењето ЗНАМ во Охрид, Марина Ѓоргоска. Фотографијата е објавена на фејсбук-профилот на Ѓоргоска, а под неа пишува: „Со најдобриот и посебен лидер“.