Истражувањето ШТЕТ-НА на Институтот за комуникациски студии ги мониторира комуникациските практики на политичките актери и идентификува штетни наративи и нивно пренесување во медиумите
ВМРО-ДПМНЕ имаше најмногу штетни наративи во јавниот дискурс во периодот март–мај 2024, по што следува Левица, па СДСМ, покажува најновиот извештај на Институтот за комуникациски студии (ИКС), насловен „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА).
Се работи за истражување во кое се мониторираат комуникациските практики на политичките актери и во кое се идентификуваат штетни наративи и нивно пренесување во медиумите. Во овој извештај е утврдена токсична реторика пред и по претседателските и парламентарните избори.
„Во периодот март‒мај 2024, ВМРО-ДПМНЕ го задржа првото место со вкупно 102 објави со штетни наративи (33 % од вкупниот број штетни објави од политичките партии), но Левица, која во периодот од септември 2023 до февруари 2024 беше трета, сега прејде на второто место со вкупно 90 штетни објави (29 % од вкупниот број). На трето место се најде СДСМ со 63 објави со штетни наративи (21 % од вкупниот број штетни објави на политичките партии)“,
се вели во извештајот на ИКС.
Што се однесува на политичките лидери, Димитар Апасиев имал најмногу штетни наративи во периодот март‒мај 2024, вкупно 32. Втор „произведувач“ на штетна реторика е Изет Меџити од Демократското движење (17), а на третото место Африм Гаши од Алтернатива (15).
„Апасиев и во шестмесечната анализа беше лидерот со најголем број објави со штетни наративи. Меџити тогаш беше на третото место. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во претходните шест месеци беше на второто место на ‘штетната лидерска листа’, во последното тримесечје од мониторингот со само две објави со штетни наративи се најде на шестото место меѓу десетте лидери“,
се вели во извештајот на ИКС.

Притоа анализата покажува дека од март до мај годинава, најприсутно било пристрасното селектирање (253 такви објави), како и замајувањето на јавноста кога политичките партии криеле факти и прикажувале избрани податоци за одредени состојби, воедно поткопувајќи ја довербата во институциите на системот (239 објави), со кои тие свесно сакале да создадат несигурност и недоверба кај граѓаните во државата. На третото место најкористен штетен наратив кај политичките партии било поттикнувањето поделби (81 случај).

Политичките лидери најмногу произвеле пристрасно селектирање (47 случаи) и поткопување на довербата (35), како и напади на лична основа/демонизација на политичкиот противник (31).
Инаку, забележливо е дека, иако со помала динамика, политичките актери ова тримесечје користеле и популизам, ширење страв и паника, обвинувања за странско влијание, а има и случаи на употреба на говор на омраза од страна на некои политички лидери.
„Дел од членовите на Владата овој период ги користеа официјалните канали за лична или партиска агенда, но и за обвинувања кон политичките противници. Со мониторингот беа утврдени вкупно 58 објави со штетни наративи. Најмногу штетни објави се нотирани на фејсбук-профилот на првиот вицепремиер Артан Груби (18 објави), на второто место е министерот за правда Кренар Лога (15), а на третото место е министерот за економија Крешник Бектеши (12). Она што е забележано при мониторингот е значајниот пораст на објави со штетен наратив кај Лога и Бектеши во мај (од 2 во април на 10 објави во мај кај Бектеши и од 3 на 10 во мај кај Лога). Во однос на видовите штетни наративи што се јавуваат во објавите на владините членови, анализата покажа дека тие најчесто употребуваат два вида штетни наративи: пристрасно селектирање и поткопување на довербата на граѓаните во институциите и медиумите. Поретко ги користат штетните наративи поттикнување поделби, напади на лична основа и странско влијание. Иако инцидентни, интересно е да се забележи дека штетните наративи етноцентризам и екстремен патриотизам се употребени во мај од Крешник Бектеши и Кренар Лога, додека ширење паника и страв во април од Артан Груби и министерката за култура Бисера Стојчевска Костадиновска. Уште една интересна забелешка е дека штетниот наратив странско влијание единствено е искористен од Артан Груби во текот на секој месец на ова тримесечје“,
нотирано е во тримесечениот извештај.
Забележително е тоа што во периодот кој е предмет на обработка, се намалил вкупниот број прилози со штетни наративи кај телевизиите и кај онлајн медиумите.

„ТВ Алфа повторно има најголем број прилози со штетни наративи ‒ 61 прилог, иако, споредено со шестмесечниот извештај, бележи намалување во просек од околу 30 %. МРТ 1 е телевизијата со најмал број прилози со штетен наратив (9 прилози), за разлика од претходните шест месеци кога била ТВ 24 со 15 прилози. Кај онлајн медиумите беа забележани вкупно 672 прилози со штетни наративи. Најмалку имало во мај (187), а најмногу во април (261), што е рекорд за целиот период од мониторингот. Постојат големи разлики во бројот на објавените прилози со штетен наратив: онлајн медиум со најмногу штетни прилози е ‘Курир’ – 124 прилози, а онлајн медиум со најмалку објавени прилози со штетен наратив е Нова ТВ – 14 прилози“,
се вели во извештајот.
Најчестите штетни наративи во прилозите на главните вести на ТВ-станиците биле поткопување на довербата во институциите (100 пати или 31% од вкупниот број наративи), пристрасно селектирање (100 пати или 31% од вкупниот број наративи) и поттикнување поделби (34 пати или 11% од вкупниот број наративи).
Истражувањето ШТЕТ-НА, ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10-те политички партии кои бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 – 2024 година и нивните лидери, како и фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ.