Од случаите што се водат како оздравени, 18,6% биле хоспитализирани, додека останатите 81,4% биле на домашно лекување
Според местото на постојано живеење или повремен престој, во нашата држава има регистрирано случаи на ковид-19 во 30 града, а Куманово, Прилеп, Дебар, Велес и Струга се градови со најголем број заразени според бројот на жители, објави Институтот за јавно здравје во својот Извештај за состојбата со ковид-19 во земјата, заклучно со податоците од 16.5 (сабота).
Најголем број од заболените со ковид-19 се регистрирани во Скопје, Куманово, Прилеп, Тетово и Велес, додека највисок морталитет има во Струга, Дебар, Куманово, Прилеп и Велес.

Најмногу заболени на 100 000 жители се регистрирани во Куманово со 291,5 заболени на 100 000 жители, Прилеп (209,8/100.000), Дебар (183,8/100.000), Велес (179,6/100.000) и Струга (101,7/100.000), додека со над 50 заболени на 100 000 жители се Скопје, Тетово, Штип, Кочани, и Пехчево.
Највисок број на пријавени случаи на дневно ниво (n=107) е регистриран на 15.04.2020.
Меѓу заболените има повеќе жени
Во однос на полот, од заболените 856 се мажи и 936 жени. Смртноста кај мажите е 82,6 на 100 000 жители, додека кај жените 90,6 на 100 000 жители.
Возраста на заболените се движи од 0 до 94 години (со средна вредност од 46 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 389 (21,7%). Највисок процент на заболени на 100 000 жители (специфична инциденца од 134,5/100 000) се регистрира на возрасната група од 50-59 години (374 заболени), додека најнизок (од 27,5 и 31, на 100 000 жители) се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 63 и 78 случаи.

Најмногу заболени од веќе потврден случај, една третина без симптоми
Од пријавените случаи, 25,2% (n=452) се/биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле/се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика.
Од вкупниот број на случаи, 96 (5,4%) се од надвор, од нив едно лице е детектирано на точка на влез (Меѓународен аеродром Скопје), а последниот импортиран случај е регистриран на 22.04.2020. Вкупно 1.070 лица (59,7%) имале контакт со веќе потврден случај на ковид-19 во државата.
Во однос на симптомите што се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (66,6%), кашлица (54,0%), малаксаност (37,5%), треска (19,9%), главоболка (15,0%), болка во грло (14,5%) и отежнато дишење (14,3%).
Кај 578 или 32,3% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Од нив, 426 или 73,7% имале контакт со веќе потврден случај во државата.
Кај една третина од заболените досега (30,5%) се присутни хронична/и здравствени состојби: најмногу кардиоваскуларна болест, потоа дијабет, хронична белодробна болест, хронична бубрежна болест и други хронични болести.
Тестирања
Од 15.2.2020 до 16.5.2020 тестирани се вкупно 21 436 материјали (детектирани 1 792 позитивни лица) во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2. Со ова во С. Македонија се направени 10 360 теста на 1 000 000 жители.

Најмногу оздравени од домашно лекување
Според исходот од заболувањето, 398 лица (22,2%) се активни случаи, 1 293 случаи (72,2%) се водат како оздравени (226 од нив се здравствени работници), испишани од болница или се со два негативни теста по домашното лекување. Од случаите што се водат како оздравени, 240 (18,6%) биле хоспитализирани додека останатите 1 053 (81,4%) биле на домашно лекување.

Институтот за јавно здравје на крајот од извештајот ја пренесува проценката на СЗО на глобално ниво и на ниво на европски регион за понатамошно ширење на ковид-19, што укажува дека ризикот е многу висок.
*Поврзани вести
Од 247 заразени здравствени работници, досега излекувани се 226
Од 581 тестиран во градинките, само еден е позитивен на ковид-19
