Од новите 72 случаи, девет се хоспитализирани. Станува збор за седум деца на возраст под една година и по едно лице од возрасната група од 15 до 19 години и од 20 до 29 години. Возраста на новите заболени се движи од 0 до 44 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца од 10 до 14 години
Од 15 до 21 март, пријавени се 72 нови случаи на голема кашлица, од нив, најголем дел се во Скопје – 58, а пријавени се случаи во Куманово – седум, Битола – четири, Дебар и Струга по еден случај, покажуваат податоците од денешниот најнов извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Од новите 72 случаи, девет се хоспитализирани. Станува збор за седум деца на возраст под една година и по едно лице од возрасната група од 15 до 19 години и од 20 до 29 години. Возраста на новите заболени се движи од 0 до 44 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца од 10 до 14 години.
„Заклучно со 21 март, во Северна Македонија се регистрирани вкупно 287 случаи на голема кашлица, со инциденца од 15,6/100 000 жители. По однос на место на живеење, најголем број лица живеат во Скопје – 247 со зафаќање на петнаесет различни општини, 12 лица живеат во Куманово, 11 лица се од Тетово, во Битола 6, Гостивар три, по два во Дебар и Струга и по еден случај е регистриран во Струмица, Крива Паланка, Кавадарци и Кочани. Заболените лица се на возраст од 1 месец до 78 години. Најголем број заболени припаѓаат на возрасната група од 10-14 години, потоа се децата на возраст до 4 години, односно 41 случај припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 32 се деца на возраст од 1 до 4 години“,
пишува во извештајот на ИЈЗ.
Од вкупниот број регистрирани случаи – 287, 157 случаи или 54,7 проценти не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просечно поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 12,6 години.
Од заболените, 44 лица или 15,3 проценти се хоспитализирани, и тоа 38 или 86,1 проценти од нив се на возраст до 4 години.
„Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18.01.2024 досега, сите вакциналните пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивно пребарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација“,
се истакнува во извештајот на ИЈЗ.
